Груевски пред иселениците: Да го зaтвориме македонското прашање и да направиме силна економска држава

Сакаме да направиме силна држава, да се заврши приказната со македонското прашање и да се запечати нашата националност, јазик и идентитет. Да направиме посилна економска држава, да донесеме повеќе странски инвеститори и да ги орахбриме и помогнеме домашните инвеститори.

Ова го порача премиерот Никола Груевски на средбата со македонските иселеници во Торонто, заблагодарувајќи им се за, како што рече, непоколебливата поддршка за овие прашања.

- Во овие прашања ако од некаде имаше непоколеблива поддршка тоа беше од македонската дијаспора од Канада, од Америка, од Австралија. Тоа е голем придонес. Можеби вие тоа не го чувствувате толку многу, но тој што е изложен на притисоци, тој кој е изложен на критики, а тоа сме во моментот ние и целата група што работи со мене, целиот тим, нам тоа многу ни значи. Многу ни значи тоа што не ја заборавате Македонија, истакна Груевски.

На средбата во Торонто пред македонските бизнисмени беа презентирани и бројните можности кои Македонија ги нуди за развивање на бизнис релации, а со што ќе се овозможи размена на потенцијали, стоки и услуги.

Иселениците дадоа поддршка на политиката и евро - атлантскиот пат по кој чекори Македонија, потенцирајќи дека тоа е вистинската насока за развој и просперитет на државата.

Македонскиот владин тим, во чиј состав се и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко - индустриски развојни зони Виктор Мизо, претходно во Монтреал на средба со канадски бизнисмени ги претстави можностите за инвестирање во Македонија.

- Добро е што сме тука со владината делегација да се сретнеме со бизнисмените кои во текот на следните години очекуваме дека ќе покажат интерес, ќе дојдат во нашата земја да ја посетат и ќе направат напор да ги проверат овие работи и да видат на лице место дека Македонија им нуди добри можности за инвестирање во Европа. Очекувам низ средбите со стотици канадски и американски бизнисмени во следните денови да оствариме контакти што во иднина ќе овозможат реализација на нови инвестиции и отворање на нови работни места што е основната цел и задача на Владата при секоја нова дестинација, при секоја посета во странство и презентација на бизнис можностите за вложување во Македонија, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.

Тој потенцира дека пред бизнисмените во Канада и САД пред се ќе се истакнат макроекономската стабилност и ниското ниво на државниот долг и буџетскиот дефицит, добрата бизнис-клима потврдена со реформите што ги прави Владата и со оценката на Светска банка и Дуинг бизнис, ниските даноци, односно најниското даночно оптоварување во Европа, високиот квалитет на работната сила, а ќе се презентираат  и конкретни можности за инвестирање во големи инфраструктурни проекти во секторите на автомобилската и другите индустрии, во недвижностите, во туризмот и други области каде што Владата смета дека Македонија има потенцијални предности.