Премиерот Груевски во Торонто се сретна со македонските иселеници, ги запозна со можностите за инвестирање во татковината

Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Никола Груевски, a во чиј состав се и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони Виктор Мизо, во рамките на посетата на Торонто, Канада денеска (вторник, 28.08.2012 година) оствари средба со македонските иселеници.

Во разговорите беа истакнати заемните интереси од продлабочување на соработката на сите нивоа помеѓу македонската иселеничка организација во Канада и економските и бизнис структури во нашата земја. Пред македонските бизнисмени беа презентирани и бројните можности кои Македонија ги нуди за развивање на бизнис релации, а со што ќе се овозможи размена на потенцијали, стоки и услуги.

Премиерот Груевски од страна на македонските иселеници беше запознаен со развојот на иселеничката организација во Торонто и пошироко во Канада, која во соработка со македонската амбасада постојано е во тек со актуелните случувања во својата земја. Иселениците дадоа поддршка на политиката и евро- атлантскиот пат по кој чекори Македонија, потенцирајќи дека тоа е вистинската насока за развој и просперитет на државата.

Премиерот Груевски од своја страна, изрази задоволство од покажаниот интерес и желби на иселениците од овие простори за развој и интензивирање на контактите, како и реализирање на инвестициски проекти со што би се продлабочиле тие контакти.

Македонскиот владин тим на заедничката средба со бројните македонски иселеници уште еднаш ја истакна заложбата за развивање и продлабочување на односите помеѓу Македонците од дијаспората заради унапредување и продлабочување на взаемните интереси и соработка.

На заедничката вечера, која во чест на македонската владина делегација во Торонто ја организираше македонската иселеничка организација, беа реафирмирани ставовите дека македонската дијаспора особено во Канада и Соединетите Американски Држави, а и во Австралија, во кои земји е и најбројна, имала и ќе има значење во лобирањето за решавање на одредени предизвици на својата земја кои се од суштинско значење за нејзиниот натамошен развој. Во таа насока, премиерот Груевски ја истакна својата посветеност за промоција на националните и државни интереси и воспоставување и засилување на односите на соработка помеѓу Република Македонија и земјите каде живеат македонските иселеници.