Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски во политичко-економска посета на Соединетите Американски Држави и Канада

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се и заменикот на претседател на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставревски, министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо, од утре(вторник, 28.08.2012 година) ќе престојува во политичко-економска посета на Соединетите Американски Држави и Канада.

Во рамки на посетата, премиерот Никола Груевски, ќе присуствува на Конвенцијата на Републиканската партија во пресрет на претседателските избори во САД, која ќе се одржи во градот Тампа. Исто така премиерот Груевски ќе присуствува и на Конвенцијата на Демократската партија за претстојните претседателски избори во САД која ќе се одржи во градот Шарлот. Претседателот на македонската влада ќе оствари и средби со претставници од двете политички партии.

Посебен аспект на посетата преставува економскиот дел, во рамки на кој владината делегација, предводена од премиерот Груевски, ќе присуствува и ќе се обрати на повеќе бизнис форуми на кои ќе бидат презентирани предностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори и поволностите кои се овозможуваат за отворање и водење бизнис.

Владината делегација ќе оствари и посета на неколку организации, и црковно-народни општини на македонската дијаспора во САД и Канада, каде ќе има и средби со раководствата на истите, како и организирани манифестации со македонските иселеници и лицата кои живеат во овие држави а се со потекло од Република Македонија.

Во Канада, владината делегација ќе присуствува на бизнис форум во градот Монтреал, кој е организиран во соработка со Советот за меѓународни односи на Монтреал и локалната бизнис комора. Премиерот Груевски ќе оствари посети и на неколку високообразовни институции, како и здравствени установи во Монтреал и ќе оствари средби со нивните раководства. Целта на овие посети е да се воспостават контакти за воспоставување на соработка во овие области.

Во Торонто, Канада, премиерот Груевски и владината делегација ќе ги претстават можностите за инвестиции во нашата земја на бизнис форум, кој е организиран во соработка со Центарот за инвестирање и трговија на Онтарио и Торонто. Претседателот на Владата ќе има средби и со значајниот Атлантскиот совет на Канада и раководството на истиот, а ќе оствари и посебна средба со Стив Роџерс, претседател на Асоцијација на производители на автомобилски делови на Торонто. Премиерот ќе присуствува и ќе се обрати на црковно-народниот собор на македонската дијаспора во црквата Свети Климент Охридски и ќе оствари средби со иселениците кои живеат во тој регион.

Во Виндзор, Канада, премиерот Груевски и владината делегација ќе остварат средби со македонските иселенички организации и ќе присуствуваат на организирана манифестација со македонската дијаспора.

Во Тампа, САД владината делегација ќе изврши презентација на инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија, на организиран бизнис форум, во соработка со локалната трговска комора на градот. Премиерот Груевски ќе оствари средби и со повеќе менаџери на компании од областа на производствената индустрија. Владината делегација ќе присуствува и на Конвенцијата на Републиканската партија.

Во Мајами, САД, премиерот Никола Груевски ќе оствари посета на  Големата трговска комора на Мајами и ќе има средба со раководниот менаџмент на Комората. Владината делегација потоа ќе се обрати на бизнис форум организиран од Комората. Претседателот на македонската влада ќе оствари средба и со градоначалникот на Мајами, Томас Регаладо. Владината делегација ќе оствари и средби со повеќе менаџерски тимови од компании од Мајами кои се заинтересирани за инвестиции во Европа.

Во Детроит, САД, премиерот Груевски и владината делегација ќе присуствуваат и ќе се обратат на Конвенцијата на Македонската православна црква во Детроит, и ќе остварат средби со македонските иселенички организации. Владината делегација ќе оствари средби и со претставници на повеќе компании, од областа на автомобилската индустрија, и производството.

Во Аталанта, САД, владината делегација и премиерот Груевски ќе ги претстават поволностите за инвестирање во Македонија на организиран бизнис форум, во соработка со трговската заедница на градот. Владината делегација ќе има и повеќе средби со претставници на компании потенцијални инвеститори во нашата земја. Премиерот и министрите ќе остварат и посети на повеќе индустриски капацитети во градот и ќе има средби со раководствата на компаниите.

Во Шарлот, САД, покрај присуството на Конвенцијата на Демократската партија, владината делегација ќе оствари средба и со раководството на Националниот демократски институт, и ќе има средби со претставници на повеќе компании од градот.

Во рамки на економскиот дел на посетата владината делегација ќе извршат презентации пред претставници на повеќе од 300 американски и канадски компании, и ќе има директни средби со менаџерските тимови на над 50 потенцијални инвеститори, со што ќе се оствари можност за дополнително лобирање на компаниите од северна Америка за реализирање на инвестиции во Македонија, од кои неколку компании се во фаза на покажување на сериозен интерес за носење одлука за инвестиција во нашата земја. Можностите ќе бидат претставени и пред нови компании со кои ќе биде воспоставен иницијален, или дополнителен контакт, во насока на отворање на бизнис во Република Македонија и отворање на нови работни места. Досегашните економски посети на странски земји имаат позитивен ефект и резултираа со носење на одлуки за инвестиции во Македонија на неколку големи компании, со што во изминатиот период се создадоа можности за отворање на 10 000 нови работни места во идниот период. Оваа посета е во функција на обезбедување на дополнителни инвестиции и продолжување на позитивниот тренд на етаблирање на нашата земја на светската мапа како позитивен пример и соодветна дестинација за отворање и водење на бизнис.

 

Би сакале да ги демантираме невистинитите и неточни наводи во дел од медиумите, дека во рамките на посетата наводно ќе била вклучена селектирана група на новинари од Република Македонија, и во интерес на вистината да информираме дека не е предвидена новинарска придружба на делегацијата. Од целокупната посета, Службата за односи со јавност на Владата на Република Македонија, ќе врши дневно и тековно информирање за секој настан, аспект и детаљ од посетата. Се надеваме на Вашето разбирање и продолжување на комуникацијата и соработката во интерес на информирањето на граѓаните за активностите на владината делегација во северна Америка, посета која е од исклучителен интерес за нашата земја и нашите политички и економски интереси.