Изложбата „Илјада години писмена традиција во Македонија“ во октомври во Белгија

Изложба насловена „Илјада години писмена традиција  во Македонија“ на која ќе бидат претставени 39 стари ракописи и ракописни книги од книжното културно наследство со статус на книжно културно добро, од 9 до 21 октомври ќе биде отворена во Кралскиот музеј на Мариемонт во Морланвелтс, Белгија. Станува збор за едно исклучително значајно меѓународно претставување на Република Македонија.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на прес-конференција по работната посета на НУБ „Св.Климент Охридски“ посочи дека станува збор за прва изложба од ваков вид која се организира надвор од Република Македонија, и која несомнено дава една јасна слика за долгата традиција на пишуваното слово во Македонија.

Изложбата ќе ја презентира илјадагодишната словенска писмена културно историска традиција на територијата на Македонија преку старословенските христијанските споменици со глаголско и кирилско писмо од 10 до 19 век.

- Изложбата ја подготвува НУБ во соработка со Валони Брисел Интернационал и Кралскиот музеј на Мариемонт и Амбасадата во Белгија. Во подготовка е еден обемен каталог/водич на француски и англиски јазик преку кој сите посетители во Брисел ќе можат да се запознаат со богатите ракописи. Изложбата содржи 39 селектирани ракописи од НУБ, Државниот архив на Македонија, Заводот за заштита и Музеј-Охрид, Историскиот архив Охрид и Музејот во Битола. Изборот на ракописите е од д-р Михајло Георгиевски специјалист за средновековна христијанска книжевност, рече Канческа Милевска.

Идејата на Министерството и на НУБ, укажа таа, е по претставувањето на оваа прва значајна изложба, истата да се одржи и во голем број музеи и држави.

- Директорот ме информираше дека НУБ „Св.Климент Охридски“ е во преговори со Агенцијата од Дубаи за заштита на 5.000 ориентални ракописи и ретки книги од 11 век па наваму. НУБ ја има една од најбогатите ориентални збирки на Балканот и пошироко. Овие ракописи и ретки книги се на арапски, персиски, османлиски и на турски јазик. Оваа збирка побуди голем интерес и кај научниот свет од Турција, истакна Канческа Милевска.

Потенцира дека следната година ќе реализираат проект врз основа на стратегијата за дигитализација на културно наследство и оти во таа насока досега се скенирани 150.000 страници. 

- Пријавен е проект за набавка на мемориски капацитети за складирање на дигиталните творби за да може секој да може да ги проучува на Интернет, додаде Канческа Милевска. 

Директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“, Миле Бошески рече дека во историјата се правени обиди, но досега никој не успеал да однесе вакво ракописно наследство некаде пред светот да го презентира.

- Со Министерството, екипите кои се во Библиотеката и надворешни соработници успеваме сето ова да го доведеме до една ваква фаза да може тоа да биде презентирано пред светската јавност. Да се заштитат 5.000 ориентални ракописи и ретки книги е страотно финансиски големо оптоварување. Од Агенцијата од Дубаи ќе дојдат да го видат тоа богатство и ќе договориме како ќе се отпочне со реализација на тој проект. Ова е една од најголемите збирки на Балканот што ја поседуваме. Сето тоа бара и заштита, истакна Бошески.

Вишиот конзерватор Зорица Јованова Спировска истакна дека Националната библиотека има најголема збирка на ракописни материјали и оти важно за оваа изложба што успеале да соберат од ракописните материјали што ги поседуваат и другите институции во државата.

Бошески рече дека изложбата ги потикнала да видат што се случува со ракописното наследство во државата. Видовме, посочи тој, дека тоа се чува во несоодветни услови и многу е тешко да се обезбеди за каква било изложба.

- Токму од овие причини се обидуваме да покренеме иницијатива целокупното книжно културно наследство државата со закон да го прибере на едно место. Еден ваков ракопис на црниот пазар е најмалку 150.000 евра, додаде Бошески.

Министерката Канческа Милевска се осврна и на досега реализираните капитални едиции.

- НУБ „Свети Климент Охридски“ изминатиот период реализираше капитални едиции кои имаат големо значење за македонската и светската литература. Комплетно беше реализиран проектот 130-тома македонска книжевност на македонски и англиски јазик. Едицијата на англиски јазик е целосно дистрибуирана до 319 високо образовни, научни институции и библиотеки во светот, рече Канческа Милевска.

НУБ, посочи таа, работи на проектот „Проектот на 130 тома македонска книжевност на шест странски јазици (руски, германски, француски, шпански, арапски и кинески)“, а првата фаза од проектот е подготовка на седум антологии во осум томови на македонски јазик, избран е економски оператор за реализација на проектот, истиот ќе биде подготвен до крајот на ноември, по што ќе оди преводот на овие антологии на останатите шест јазици.

Во врска со проектот Превод на дела на добитници на Нобелова награда, таа истакна дека разговарала со директорот на НУБ, оваа едиција од 108 книги да се надополни со уште 40 книги. Се очекува  оваа година да бидат промовирани 20, а до крајот на март идната година уште 20 дела. 

- Изминатиот период се склучени многу значајни договори со голем број светски библиотеки како што е светската дигитална библиотека со седиште во Вашингтон, Европската библиотека во Хаг, сио институтциите и библиотеките во Србија и Унгарија и се очекува на основа на реципроцитет да имаме и значајни изложби оваа година во Унгарија, а следната година во Србија, додаде министерката Канческа Милевска.