Министерот Попоски, како претседавач со ПСЈИЕ, се сретна со претседателот на Мрежата на заедниците на локалната самоуправа

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ја посети Канцеларијата на мрежата на заедниците на локалната самоуправа во ЈИЕ (НАЛАС) и се сретна со нејзиниот претседател Озген Кешкин и неговите заменици Антон Першек и Ѓуро Буковиќ.

На средбата беа разменети мислења за можностите за градење на стратешките односи на НАЛАС со Процесот за соработка во ЈИЕ (ПСЈИЕ), за јакнење на регионалната соработка и за потребата од поголема институционализација на соработката во регионот.  

- Република Македонија го презема претседателството на ПСЈИЕ, и во тие рамки сакаме да ја надградиме мрежата на теми на кои соработуваме. Тоа сакаме да го направиме на начин кој е најблизок до граѓаните од целиот регион. Со соработката што можеме да ја воспоставиме со мрежата на општини, тоа можеме да го направиме на најефикасен начин, изјави министерот Попоски по средбата. Тој додаде дека ваквиот начин на комуникација ќе помогне и за да се надминат одредени работи кои во минатото ни претставувале тешкотија.

Попоски оцени дека соработката помеѓу државите во нашиот регион се одвива одлично на локално ниво и оти Македонија би сакала тоа да се преслика на сите нивоа.

- Би сакале таа успешна приказна за Југоисточна Европа да биде видена и надвор од нашиот регион. Во минатото секако сме пателе од стереотипи за тоа колку конфликти или колку поделби постоеле во ЈИЕ, а денеска можеме да се пофалиме дека имиџот се менува и дека одиме во правец на градење на имиџ на регион кој е дел од Европа и во кој на еден многу конкретен начин може да се соработува како на локално така и на национално ниво, рече шефот на дипломатијата.

Претседателот на мрежата Кешкин состанокот го оцени како многу важен. - Разговаравме за соработка на национално и локално ниво во рамките на одржливиот развој, обновливи енергии или други сервиси. Ова беше многу корисен состанок, рече претседателот на мрежата Кешкин, кој истовремено е градоначалник на Јилдирим, Бурса.  

НАЛАС е мрежа на асоцијации на локални власти од ЈИЕ. Обединува 15 асоцијации од 12 земји. ЗЕЛС е една од членките на НАЛАС. Организацијата е формирана во 2001 година, во рамките на Пактот за стабилност, а регистрирана во Стразбур, во Советот на Европа. Секретаријатот на НАЛАС е во Скопје.