Ѓорѓиев: Владата функционира во полн состав и со полн капацитет

Владата на Република Македонија функционира во полн состав, со полн капацитет во добра кондиција и функциите на системот независно дали се економски, политички или општествени се извршуваат редовно и граѓаните треба да бидат спокојни, изјави портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со средбата на претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со лидерот на ДУИ Али Ахмети, портпаролот рече дека Владата официјално не коментира и не информира околу средбите на претседателот на Владата со кој било од лидерите на политичките партии кои ја сочинуваат владината коалиција, а во поглед на вчерашната средба потврди дека информациите пласирани во јавноста ја отсликуваат рамката во која се движеле разговорите помеѓу Груевски и Ахмети.

Околу можностите за нова средба со кој било од лидерите на партиите во владината коалициија, рече дека нема детали дали ќе дојде до определена средба во однос на тајмингот кога би се случила таа средба, но додаде дека редовен принцип на функционирање на претседателот на Владата и претседател на најголемата политичка партија во владината коалициија е да остварува редовни средби со сите лидери на политичките партии кои ја сочинуваат таа коалиција и во рамки на тоа, особено и со лидерот на втората по големина партија во коалицијата ДУИ, Али Ахмети.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека Владата во наредниот период согласно динамиката која е предвидена за овозможување поголема транспареност во работењето на владините функции ќе ги применува покрај досега познатите форми и нови кои ќе бидат воведени, а ќе значат зголемување на транспареноста, отчетноста и информирањето на граѓаните за работењето на Владата.