Ѓорѓиев: Иновации, нов квалитет и можности во туризмот

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Постојаното реализирање на мерки и активности за развој на туризмот и негово унапредување е константа на Владата.

Владата ги усвои измените на законите за туристичка, и за угостителска дејност, со кои се внесуваат иновации во овие области се обезбедуваат нови можности и нов квалитет.

 

Целите на усвоените измени се:

-зголемување на заштитата на правата на потрошувачите,

-подобрување на квалитетот на услугата во секторот туризам и угостителство,

-афирмирање на традиционалната кујна во рамки на соодветните угостителски објекти за исхрана,

            -подобрување на условите за развој на руралниот туризам и

-зголемување на стапката на вработеност во секторот угостителство.

 

Дозволете накратко да се осврнам на решенијата:

Прво, Владата одлучи да се прошири листата на угостителски објекти за исхрана со нов објект Национален ресторан-меана, за кој ќе биде издадена и посебна ознака. За да може да се добие ознаката национален ресторан-меана, угостителскиот објект треба да ги исполни следниве критериуми:

1) понудата на храна во листите за јадење, треба да биде во обем од најмалку 70% домашни традиционални јадења, додека понудата на вино и други пијалоци треба да биде во обем од најмалку 80% домашни вина и други пијалоци

2) при надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект, да се употребуваат мотиви од домашната традиционална култура, народни инструменти, носии, покуќнина-садови и слично;

3) облеката на персоналот треба да има апликации и мотиви од традицијата (везени кошули, или соодветни наметки со народни везови)

4) музиката која ќе се изведува во угостителскиот објект треба да биде изворна и чалгиска, со акустичен звук.

Второ, со Законот се утврдува постапката за задолжително ангажирање домашен туристички водич од страна на странски туроператор кој носи туристи во Република Македонија без посредство на домашен туроператор. Имено, за странската туристичка агенција е предвидена обврска во рок од 24 часа, од часот на влегување во Република Македонија, да ангажира домашен туристички водич, преку склучување договор со еден од следниве вршители на туристичка дејност:

-Здружението на туристички водичи и придружници,

-туристичка агенција со лиценца А,

-туристичко биро, или

-со физичко лице-туристички водич евидентирано во регистарот кој го води општината, односно градот Скопје.

Угостителот каде се сместени овие туристи има обврска да и посочи на странската агенција за оваа обврска за ангажман на домашен туристички водич.Странскиот туроператор кој нема да постапи согласно оваа обврска предвидено е да плати глоба во износ од 2000 до 4000 евра за правното лице, додека за одговорното лице за организираната група туристи на самото место ќе му биде изречена глоба во износ од 1000 до 2000 евра. Со ова ќе се овозможи ангажман на нашите туристички работници и нов приход за нив, а ќе се зголеми и квалитетот на дејноста и понудата за странските туристи.

Трето, во насока на развој на руралниот туризам, за куќите, становите и собите за издавање на туристи, од страна на физичките лица во селските домаќинства во руралните средини, ќе се врши категоризација и ќе се издава посебна ознака.

За да се добие ознаката треба да се исполнат следниве критериуми:

1)да се даваат услуги за издавање на соби и апартмани, чиј сопственик или носител на правото на користење е член на селското домаќинство, најмногу до 10 соби, односно 20 легла;

2)при надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект, да се употребуваат мотиви од традиционалната култура, народни инструменти, носии, покуќнина-садови и слично и

3)топлите и ладни јадења, пијалоци и напитоци кои се послужуваат да бидат домашни и еколошки произведени, главно од сопствено производство, најмногу за 50 лица истовремено.

Ова ќе овозможи поголема можност за аранжмани на странски гости, кои се заинтересирани за ваков туризам, а за чиј ангажман државата ќе преземе посебни мерки на промоција и зголемување на свесноста и атрактивноста за посета на овие места, како дел од туристичката понуда со што ќе се оствари нов приход за овие домаќинства.

Четврто, се воведуваат нови обврски кои значат средување на системот и заштита на потрошувачите и тоа:

-за субјектот кој врши туристичка дејност има обврска да се пријави задолжително во регистарот на општината и кај ДПИ, и за тоа да го извести градоначалникот и Инспекторатот

-за продажба на авио- билети туристичката агенција има обврска задолжително да има вработено лице со ИАТА сертификат и

-за туристичката агенција се воведува обврска задолжително да ги истакне цените на туристичките аранжмани и поединечните услуги.

Доколку се случи ваков прекршок на само место ќе се изрече глоба во износ од 800 евра за правното лице, глоба во износ од 100 евра и на одговорното лице во правното лице и глоба во износ од 200 евра ќе му се изрече на самото место на трговец – поединец

Петто, ќе се воведе подзаконски акт, со кој ќе се пропише постапката за легитимирање на малолетни лица во угостителски објект – кабаре и ноќен бар, од страна на угостителите. Ова ќе овозможи превенција од прекршување на законот и поголема заштита на малолетните лица.

Со овие измени ќе се зголемат можностите, ќе се подобри квалитетот на туристичката понуда и нејзината разновидност, ќе се подобри системот и конкуренцијата и ќе се стимулира развојот на туризмот. Ќе бидат обезбедени и нови вработувања и можност за дополнителен приход на туристичките работници и капацитети.