Од 1 јануари бесплатно лекување за сите пензионери кои имаат пониска пензија од просечната

Од 1 јануари идната година ќе следува бесплатно лекување за сите пензионери кои имаат пониска пензија од просечната.

Ова беше заклучено на денешната средба на премиерот Никола Груевски придружуван од министрите за здравство и за труд и социјална политика Никола Тодоров и Спиро Ристовски со Сојузот на здруженија на пензионерите.

Првпат, по 66 години пензионерско организирање во Македонија, премиер ги посети просториите на пензионерите.

- Разговарано е за повеќе мерки кои Владата во изминатиот период ги спроведе и планира да ги спроведе во следниот период, со фокус на реализацијата на проектот за банско-климатска рекреација и иницијативите од страна на пензионерите за нови законски решенија, изјави по средбата министерот Ристовски.

Тој оцени дека денешната средба била исклучително значајна, бидејќи, како што рече, пензионерите се еден од најзначајните сегменти на Република Македонија.

- Баравме заштита на животниот стандард на пензионерите по растот на цените на струјата и парното, но разговаравме и за зголемувањето на пензиите кое треба да се случи во наредните три години, а како сојуз побаравме да имаме нов закон за пензионерско организирање во Македонија, изјави претседателот на сојузот Драги Аргировски, организација која опфаќа околу 280 илјади пензионери.

Аргировски истакна дека дале поддршка на повеќе владини мерки, особено на последната за бесплатното лекување.

Тој ја најави 17. Републичка пензионерска олимпијада на која ќе се натпреваруваат 1.200 пензионери од целата држава што ќе се одржи годинава под покровителство на премиерот.