Министерката Канческа-Милевска доби Гранпри награда за културен менаџмент

За разновидната и богата активност за заштита на македонското културно наследство, на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска и беше врачена престижната Гранпри награда за културен менаџмент, што ја доделува меѓународната академија „Михаил Еминеску“ од Романија.

Наградата и ја врачи претседателот на оваа меѓународната академија Јон Деаконеску, кој истакна дека Македонија секогаш претставувала културно и духовно богатство кое, како што рече, и припаѓа и на светската цивилизација.

Тој потсети на азбуката на Кирил и Методиј, на фреските од црквите и манастирите кои датираат од 13 век и на материјалните сведоштва на првиот Универзитет во Европа, во Охрид.

Деаконеску ги нагласи постојаните напорин на министерката Канческа-Милевска за промовирање на културните политики за европска интеграција.

- Секоја култура треба да биде признаена и прифатена и од страна на другите, во разновидноста и различноста, но и на интерферентностите, понудувајќи еден поикаков израз на големите егзистенцијални постоења, што го прифати и македонската министерка, рече Деаконеску.

Македонската и романската литература и култура, според него, се израз на свесности есенцијално имплицирани во европската духовна судбина, со специјална вокација да ги олеснуваат разбирањето и почитувањето на размената на оригиналните вредности.

Признанието, како што подвлече министерката Канческа-Милевска, е од голема важност за Македонија и македонската култура воопшто.

- Значењето на оваа награда е уште поголемо поради фактот што Академијата во целокупното свое делување на најдобар начин ја афирмира културната размена на романската и останатите култури од европскиот мозаик, во кој романските творци дадоа значаен придонес, рече министерката.

Со чинот на менаџирање со културата, додаде, денеска можеме да се гордееме со сето она што како држава успеавме да го постигнеме во насока на заштита на македонското културно наследство, стимулирање на уметничкото творештво и презентирање на културната политика во Република Македонија и на меѓународен план.

- Горда сум на богатото културно наследство и целиот уметнички потенцијал со кој располага нашата држава, како и на сите признанија и награди со кои се промовира македонската култура и културно наследство и ќе продолжиме во таа насока. Признанието ќе ни даде поттик повеќе да продолжиме со посветеноста, да продолжи соработката со земјите од регионот, отворајќи простор за креирање нови уметнички подвизи кои ќе ја промовираат македонската култура, нагласи Канческа-Милевска.

Романско-македонските културни врски, според Даниел Бала, дипломатски советник во Амбасадата на Романија во Македонија, имаат голем потенцијал да бидат проширени во блиска иднина.

Престижната Гранпри награда за меѓународен културен менаџмент, меѓународната академија „Михаил Еминеску“ ја доделува секоја година за заслуги во полето на културата.