Поставен камен-темелникот на мостот на патот Моноспитово-Банско

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Босилово Љупчо Колев денеска го поставија камен-темелникот на новиот мост на патот  Моноспитово-Банско.

Означувајќи го почетокот на изградбата на новиот мост, вицепремиерот Ставрески истакна дека со реализацијата на овој проект, Владата со многу поволен кредит од  Светска банка и помага на општина Босилово и граѓаните од Моноспитово во решавањето на овој витален проблем.

- Министерството за финансии во општина Босилово има добар партнер кој со издржани проекти решава низа прашања од животно значање. Се надеваме дека изведувачот на работите ќе ги почитува роковите и во ноември овој мост ќе биде пуштен во употреба. Вкупната инвестиција за овој мост е  8,3 милиони денари и истиот претставува алка во натамошниот развој на општина Босилово и регионот во целост, рече вицепремиерот Ставрески.

За градоначалникот Колев, денешното поставување на камен-темелникот на мостот, значи реализација на даденото ветување пред жителите на Моноспитово, кои во изминатите две години по поплавите во октомври 2010 година, мораа да поминуват и по десетина километри за да стигнат до нивните ниви.

- Горди сме што со помош на Владата реализираме уште едно наше ветување. Новиот мост  ќе не поврзе со општина Струмица, а индиректно и со општина Ново Село. Мостот е значаен за директно поврзување на овој дел од регионот со мегународниот пат М 6 и е од економско значање  во понатамошниот економски развој на општина Босилово, рече Колев.

Денешниот престој во општина Босилово, вицпремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го искористи и за запознавање со текот на реализацијата на повеќе зафати, кои преку проектот на Светска банка за подобрување на општинските услуги, се реализираат во  општина Босилово.