Ристовски: Пари за пензии има, ќе се исплаќаат редовно во првата недела од месецот

Пари за пензии има, имало и ќе има. Eден од врвните приоритети за Владата е редовната исплата на пензиите, која се реализира секоја прва недела во месецот онака како што ветивме и се обврзавме пред пензионерите, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Според него, и покрај тоа што има разни коментари и обиди да се создаде паника кај пензионерите, тие сценарија се покажале како неточни.

- Пари за пензии има и ќе има и тука не треба да има грижа. Владата воопшто не размислува да има некаква корекција на исплатата, а уште помалку во ниту еден момент не сме размислувале да има намалување на висината на пензиите, истакна Ристовски одговарајќи на новинарско прашање по денешната средбата со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Тој најави дека ќе се реализира и најавеното покачување на пензиите планирано за крајот на годинава.