Нов топлотен бран, министерот Ристовски апелира да се почитува забраната за работа на отворено

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски апелира да се почитува забраната за вршење на работни дејности на отворено од 11 до 17 часот бидејќи утре се очекува замјата повторно да биде зафатена од топлотен бран.

- Денеска има портокалова фаза во јужните делови на земјата и веќе се испратени известувања за намалување на работните активности односно за забрана за вршење на работни дејности на отворено од 11 до 17, рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.   

Утре на терирторијата на цела Македонија се очекува портокалова фаза и врз основа на информациите од Комисијата на Министерството за здравство се очекува зголемување на температурите и на УВ зрачењето. Според УХМР, во некои делови од Македонија температурата ќе достигне и над 40 степени Целзиусови.

- Би сакал да апелирам до работодавачите и да препорачам и да ги известам дека во текот на утрешниот ден повторно ќе се забрани работа на отворено од 11 до 17 часот и истовремено апелирам за почитување на овие препораки затоа што трудовите инспектори од рано наутро ќе бидат на терен и како и досега ќе вршат сериозни контроли без селекција. Секој еден субјект чиишто работници ќе бидат најдени да работат на отворено во период од 11 до 17 практично ќе сносат одговорност согласно Законот, изјави Ристовски.

Освен забраната за работа од 11 до 17 часот на отворено, се препорачува адекватна вентилација и по можност климатизација во работниот простор, промени во организацијата на работниот процес, односно воведување работа во  две смени, обезбедување на засолништа каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата, почести паузи во текот на работата и консумирање на течности, предупредување за зголемени опасности од несреќа при работа (пожари).

Дадените препораки работодавачите треба да ги почитуваат со што ќе се зголеми безбедноста на вработените во услови на топлотен бран.

Во детските градинки децата да се изнесуваат на прошетка единствено до 10 часот наутро, да се нуди лесна храна и повеќе течности, да се заштитат од дирекна сончева светлина со ролетни или завеси.

Домовите за згрижување на стари лица да преземат мерки за климатизација на просториите или обезбедување на една ладна просторија (неопходна за портокалова фаза), да се нуди повеќе лесна храна и течности, совети за навремено земање на препорачаната терапија од лекар. Се советува избегнување на дирекна изложеност на сонце од 11 до 16 часот.

Министерството за труд препорачува центрите за социјални работи да имаат поголема соработка со единиците на Црвен крст и локалната самоуправа во поактивен пристап и помош на осамени стари лица, социјално загрозени лица и  бездомници.

Како што се наведува во соопштението, Министерството ќе ја следи состојбата и ќе ги преземе сите мерки во негова надлежност за запазување на безбедноста и здравјето при работа.