Со реновирањето на ОУ „Љубен Лапе“ заокружена реконструкција на сите училишта во Општина Аеродром

Со реновираното Основно училиште „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром е заокружен процесот за реконструкција на сите училишта на нејзина територија.

Проектот за целосна модернизација на училиштата чини 1,5 милиони евра издвоени од буџетот на Општина Аеродром, а целта е учениците конечно да добијат достојни услови за учење, изјавија денеска по промовирањето на реновираното училиште „Љубен Лапе“ министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски.

На стартот на учебната година на 3 септември, нагласи Кралев, Аеродром е една од ретките општини што годинава целосно ги реконструира училиштата и со тоа ќе им овозможи на учениците поквалитетна настава.

Министерот за образование апелира сите градоначалници да го следат трендот на инвестиции во образованието особено во реконструкцијата на училиштата.

- Заедно со парите што за таа намена ги вложува МОН и тие што ги инвестираат општините можеме да создадеме многу подобри услови за одвивање на наставата секаде во Македонија. Верувам дека според последните најави и активностите што се одвиваат на терен ќе овозможиме оваа да биде рекордна година во вложување во образованието, посочи Кралев.

Градоначалникот Коневски информира дека училиштето „Љубен Лапе“ со проектот за модернизација доби обновен покрив и нови прозорци и санитарни јазли за што Општината издвоила 17 милиони денари.

- Заменет е азбестниот покрив со ребрест лим и е поставена нова термоизолација, а се монтираше и нова громобранска инсталација. Исто така, заменети се и старите дотраени прозорци со нови, изјави Коневски.

Реконструкцијата на училиштето што ја вршеше фирмата „Изградба комерц“ опфати и обнова на тоалетите при што се отстранети старите канализациски и водоводни цевки, подните сливници, мијалниците и другите елементи во тоалетите, а се заменети и старите оштетени врати со нови.

Одговарајќи на новинарско прашање, Коневски најави дека Општината ќе го реши проблемот со непријатната миризба што се шири од кејот на реката Вардар поради палење смет. Се планира спроведување проект со којшто просторот покрај кејот на Вардар на територијата на општина Аеродром каде има нелегално палење смет ќе се изгради парк. Според Коневски, до крајот на наредната година тој простор по примерот на останатите во општината ќе биде уреден и ќе нема можност за фрлање и палење смет.