Министерот Ивановски ја посети подрачната единица на АЕК во Битола

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски кој денеска ја посети подрачната единица на Агенцијата за електронски комуникации во Битола информираше дека е доставена понуда од ВИП операторот во вредност од 5 милиони и 100.000 евра за доделување две фреквенции по 10 мегахерци во опсегот на 1.800 мегахерци, со која што дополнително ќе се подобрат услугите на корисниците на мобилната телефонија во Македонија.

Тој нагласи дека ова било барање од операторите до Агенцијата за електронски комуникации.

- Владата на Република Македонија неодамна и дозволи на Агенцијата за електронски комуникации да објави повик односно тендер за оваа фреквенција со почетна цена од пет милиони евра. Денеска се изврши отворањето и понудата на ВИП изнесуваше пет милиони и 100.000 илјади евра, изјави Ивановски.

Втората новина, подвлече тој, е што Владата на Република Македонија донесе одлука за објавување нов тендер за ДВБТ оператор.

- Тоа значи за телевизијата која до први јуни 2013 година треба да се пренамени од аналогна во дигитална телевизија. Овој тендер ќе трае 30 дена и ќе имаат право да се пријават правните лица кои нема да се косат со Законот за електронски комуникации каде што според членот 13 односно регулативата која ограничува кој смее, а кој не смее да се пријави во Република Македонија. Ова е многу значајно бидејќи на првиот тендер фирмата која се пријави не можеше да ги исполни условите кои се бараа. Очекуваме дека на овој повик ќе се јават повеќе фирми за да можеме да можеме да преминеме во дигитална телевизија на 1 јуни 2013 година, рече министерот Ивановски.

Според него, како трет чекор на седницата Владата донела и одлука да се распише  јавен повик за дигиталната дивиденда.

- Тоа е за 4Г технологијата за мобилни оператори со почетна цена од 25 милиони евра. Повикот ќе се објави во текот на утрешниот ден, а мобилните оператори од целиот свет, се надеваме дека и овие во Македонија активно ќе се вклучат во овој повик, ќе имаат право во рок од 30 дена да се пријават и да достават понуда на овој значаен проект со што повторно граѓаните на Република Македонија ќе имаат многу подобри услуги конкретно во користењето на интернетот во мобилната телефонија, појасни министерот.

Тој истакна дека Македонија ќе биде прва земја во регионот која што ќе воведе 4Г. Либерализацијата на пазарот која ја направи оваа Влада во секторот на телекомукацииите, оцени, придонесува со многу подобри услуги, со многу поконкурентни цени и со многу подобри пакети за крајните корисници, а тоа се граѓаните на РМ.

Ивановски потенцира дека од извештајот кој што неодамна АЕК го објави за користењето на мобилната телефонија во РМ, за првиот квартал на 2012 година, може да се види дека широкопојасниот интернет кој што е многу значаен пораснал за 3,8 проценти преку мобилната телефонија. Со тоа се потенцира дека Министерството за информатичко општество заедно со АЕК водат одлична политика да им се овозможи на граѓаните на РМ да ги користат најновите технолигии, рече Ивановски.