Ѓорѓиев: Комплетна либерализација на ветеринарната дејност

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

На минатата седница Владата одлучи да се усвојат измени на Законот за ветеринарно здравство, со кои се овозможува комплетна либерализација на оваа дејност во делот на вршење на дејности од јавен интерес, односно отстранување на определено монополско постапување. Ова е решение на едно долгогодишно барање и на земјоделците и на ветеринарите, кое што Владата го прифати и уважи.

Досега за да се добие можност да се врши дејност од јавен интерес, се аплицираше на оглас, и тоа еднаш на 5 години. Од повеќето апликанти само на неколку им се даваше оваа можност, или од над 120 ветеринарни станици, јавно овластување се даваше на околу една третина. Тоа придонесуваше многу земјоделци да не може да остварат добра заштита на своите животни. На пример, досега земјоделците од определен град, мораа својот добиток да го третираат во друг град, затоа што ветеринарната станица токму од тој град го добила јавното овластување. Или пак во еден ист град ако постоеја две станици едната имаше монопол.

Јавното овластување е многу битно, затоа што само кај оние ветеринарни станици кои го имаат може да се третираат болести за кои државата плаќа средства, да се вадат документи кои се битни за субвенциите, да се даваат дозволи за движење на стока итн...Многу земјоделци имаа проблеми, а во некои случаи беа подложени на своевидни условувања. Сега тоа нема да може да биде случај.

Со новите измени, секоја ветеринарна станица во моментот на основање веќе ќе може да врши дејност од јавен интерес, за кои на годишно ниво државата плаќа 200 милиони денари. Ова ја зголемува конкуренцијата и овозможува поголема достапност на услугата. Ова е од корист и за ветеринарите кои ќе имаат можност за пристап до овие средства, но и од корист за земјоделците сточари кои сега ќе добијат подобра услуга, затоа што секој ветеринар ќе треба да обрне повеќе внимание ако сака да ги задржи своите клиенти. Се зголемува квалитетот на грижата и услугата, а она што е особено битно е дека се очекува и намалување на цените за услуги токму заради конкуренцијата.

Ова земјоделците го бараа и ние им го овозможивме. Се укина и рокот на секои 5 години да се добиваат овластувања, сега со моментот на основање се стекнува таа можност, без никаков оглас. Ова значи дека во идниот период секоја ветеринарна станица ќе може да врши дејности од јавен интерес.

Второ, се направи и олеснување во поглед на влезот во Македонија на миленичиња за некомерцијални цели. Досега милениче можеше да се изнесе или внесе во Македонија само на 9 од 18 гранични премини и тоа во присуство на ветеринар. Сега на сите гранични премини ова ќе биде возможно, затоа што проверката ќе ја вршат и самите царинарници, кои беа обучени за проверка на документите, пасоши за животни и уверение за здравствена состојба.

Трета измена е дека се создаде можност за олеснето присвојување на одлуките на Европската комисија во делот на ветерината. Во момент на донесување на одлука од Европската комисија од битност за заштита на здравјето на луѓето и животните, таа веднаш ќе може да се примени во Македонија без посебни одолговлекувања и процедури.

Со овие измени битно се подобрува грижата за земјоделците и за нивниот имот во животни. Со прифаќањето на овие барања на земјоделците, Владата уште еднаш ја докажува својата посветеност да помогне за подобрување и унапредување на состојбите кои се од интерес за населението и нивните потреби и имот.