Ѓорѓиев: Понудивме помош на Грција за отстранување на проблемот со железницата

Македонија преку железницата, преку Министерството за транспорт и врски и официјално-дипломатски преку Министерството за надворешни работи понуди помош за побрзо расчистување на теренот и санирање на пругата кај месноста Поликастро во Грција за побрзо нормализирање на меѓународниот железнички превоз меѓу двете земји, што е во прекин неколку дена.

Ова го истакна портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев во одговор на прашање на денешната прес-конференција. 

- До овој момент немаме добиено повратен одговор. Известени сме дека грчките институции во брз период ќе ја надминат оваа состојба. Се надеваме  дека тоа и ќе се случи, рече Ѓорѓиев.

Според нашите информации, додаде, пред седум-осум дена на железничката линија се има случено инцидент со превртување на неколку вагони од композиција која се движела на истата таа железничка рута.

- На потегот пред Солун се имаат превртено неколку вагони од вагонска композиција. Од грчка страна е кажано дека се преземемаат сите мерки и активности  за да се надмине оваа состојба. Ние сме во комуникација со Грција и имаме понудено помош за отстранување на проблемот со железницата.  До овој момент немаме добиено официјален одговор дали е потребна нашата помош. Добивме само известување дека во следниот период оваа опасност по железничкиот сообраќај ќе биде отклонета со што повторно би се нормализирал сообраќајот помеѓу две земји, појасни Ѓорѓиев.