Груевски: Фактите говорат дека имаме подобра меѓународна политика од СДСМ

Во  времето на СДСМ и  Бранко Црвенковски владата не успеа ниту еднаш да обезбеди позитивен извештај за почеток на преговори, изјави денеска премиерот Никола Груевски и додаде дека водат подобра меѓународна политика од СДСМ.

- Ние имаме три позитивни извештаи година по година, три препораки за почеток на преговори, а на два самита НАТО јавно кажа дека сме подготвени да влеземе, дека ги имаме исполнето сите услови и дека единствениот проблем ни го постави нашиот сосед, рече Груевски.

Според него, Бранко Црвенковски со години им ветуваше на граѓаните, но ништо не исполни. 

- Напротив во негово време растеше само бројот на земји што ни ставаат визи. И оттука неможам да заклучам за што зборува човекот. Дали зборува за тоа што во времето кога тој беше премиер главните дестинации, па можеби понекогаш единствените во цела година на планот на надворешната политика му беа Сараево, Подгорица, Белград и евентуално Молдавија. Не знам дали на тоа мисли или на успесите што се направија на планот за либерализација и за исполнување на сите критеируми и признавања од страна на ЕУ и НАТО, нешто што тој никогаш не го направи. Никогаш не успеа во неговото владеење како премиер или како човек кој официјално или неофицијално стоеше на чело на СДСМ да го направи како успех, нагласи Груевски.

Според него, Црвенковски излегува со памфлети. - Нешто ќе тврди без да промисли само колку да каже нешто верувајќи дека народот нема да се потсети која меѓународна политика ја имаше во времето кога тој беше на власт, која активност ја имаше и кои успеси на надворешната политика. Мислам дека станува збор за празна демагогија, како и обично, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на 20 нови изданија од владиниот проектот за превод на странски стручна литература.