Средба на министерот Попоски со кипарскиот министер за надворешни работи Ерато Козаку Маркулис

Во рамките на својот престој во Брисел, по повод Деветтиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европската унија, Министерот за надворешни работи Никола Попоски попладнево се сретна со Министерот за надворешни работи на Република Кипар, Ерато Козаку Маркулис.

Акцентот на разговорите беше ставен на Кипарското Претседателство со Советот на ЕУ и перспективите на интеграцијата на Македонија во ЕУ. При тоа, министерот Маркулис ја реаформираше посветеноста на Претседателството за придвижување на процесот на проширување на Европската унија врз основа на индивидуалните заслуги во исполнувањето на критериумите за членство.  Приоритетна цел на Претседателството е земјите аспиранти за членство во Унијата, вклучително и Република Македонија, да остварат напредок во интеграцијата во ЕУ врз основа на овие принципи, истакна министерката Маркулис.

Министерот Попоски изрази задоволство што проширувањето е меѓу врвните приоритети на Кипарското Претседателство, искажувајќи го очекувањето за конзистентен ангажман за унапредување на перспективата за членство во ЕУ на сите земји-кандидати и потенцијални кандидати од Балканот. Македонија останува силно посветена на почеток на пристапните преговори со Унијата до крајот на оваа година и се надева дека ќе го добие заслуженото внимание од Кипарското претседателство за остварување на оваа приоритетна цел, истакна министерот Попоски.

На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на билатералните односи и соработка меѓу двете држави.