Груевски: Ако македонизмот значи почитување на македонскиот народ, јас сум македонист

Грчкиот претседател Карлос Папуљас да даде малку позитивна енергија во целата работа. Тој е доволно искусен и доволно возрасен и поминал многу низ политиката и добро знае оти на ваков начин нема да може да ги решава работите со постојано препукување за да се соберат некакви поени на домашен терен, е пораката што денеска му ја упати премиерот Никола Груевски на грчкиот претседател по барање на новинарите да ги коментира неговите обвинувања дека е предводник на македонизмот.

Доколку Папуљас, сето тоа го кажува во смисла на поддршка на македонскиот индетитет, националност и македонскиот јазик, и оти во оваа држава, подвлече, мнозинството народ се Македонци и имаат такво чувство дека се Македонци, имаат национален и јазичен ентитет поврзан со Македонија и македонскиот јазик, тогаш, во една таква смисла, дециден е Груевски, можам не само да го прифатам тоа што го кажува дека сум предводник на македонизмот, туку можам и да потврдам дека со задоволство сум и ќе бидам, за разлика од некои други политичари во минатото кои свесно се прикажуваа и дејствуваа во правец на други држави, главно соседни, промовирајќи нивни идентитети и работи кои поврзуваат со нивниот јазик, националност и историја.

- Не е ниту срамота, ниту грев, ниту пак навреда за некоја друга држава ако некој премиер си го поддржува идентитетот на сопствениот народ, тоа што мнозинскиот народ го чувствува, го поддржува сопствениот јазик, националност, култура, потенцира премиерот Груевски, додавајќи оти во тој аспект дури и не го чувствува како обвинување она што го изјави Папуљас.

- Грција 21 година на овој начин собираше поени помеѓу домашното население, меѓутоа далеку не отиде. Погледнете сега што се случува таму. Затоа би им порачал да запрат со ваквите непродуктивни исфрлања на негативни енергии и обвинувања, клевети и слично и ден порано тогаш кога тие ќе кажат на кое било место што тие ќе го одредат јас сум подготвен да одам и да разговарам. Ако кажат во Атина утре, утре одиме во Атина, да разговараме, да се надмине спорот и да се најде решение. Ако кажат во Брисел, одиме во Брисел. Ако сакаат во Скопје, во Скопје. Каде ќе одлучат, во кој состав ќе одлучат, на кој начин, битно е ден порано да се седне да се разговара за да се најде решение наместо да се испраќаат вакви негативни пораки и клевети, рече Груевски по промоцијата на лабораторија за пресметување со високи перформанси, лабораторија за мобилни и мултимедиски апликации, серверска лабораторија и лабораторија за грид, паралелно и дистрибуирано процесирање.