Маричиќ од Битола: Нашата цел е да ги задржиме нашите образовани кадри и млади луѓе дома, во Северна Македонија, со стекнато знаење од европските земји

Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Битола го поздрави отворањето на првиот Еразмус+ инфо центар во Битола, на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, каде што се сретна со младите и корисници на Еразмус Плус програмата.

Вицепремиерот Маричиќ во својата изјава за медиуми истакна дека отсега во Битола младите од различните региони во државата имаат пристап до место каде директно ќе може да се информираат за Еразмус+ програмата, како една од најуспешните програми во Европската Унија.

"Во овој центар сите кои сакаат да се вклучат во оваа програма, тука можат да добијат информации како најдобро своите идеи да ги направат дел од можностите за поголема мобилност и на тој начин да се стекнуваат со поголема стручност и надградба соодветно на нивните врсници и колеги од останатите европски земји.

Погледот кон Европа и европската перспектива се единствената опција за младите, а Еразмус Плус, како и досега, останува инспирација со широкиот спектар на можности за учениците, студентите, образовниот кадар како и за организациите и институциите.

Европската иднина на нашите млади е приоритет од кој никогаш нема да се откажеме и за остварување на таа цел максимално ги афирмираме придобивките кои се на располагање од нашето членство во оваа европска програма. Еразмус Плус програмата, само за оваа година предвидува буџет од повеќе од 6 милиони евра за македонските проекти за широк спектар иницијативи за образование, обуки, млади и спорт под исти услови како и младите од земјите членки на Европската Унија."

На настанот присутни беа и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски.