Бочварски од Струмица: Преку 2 милијарди евра инвестиции во изградба на патишта, железници, гасоводи, водоводи и канализациони системи

Преку 2 милијарди евра во моментов инвестираме во целокупната инфраструктура во земјава и тоа го покажуваат и бројките и бројните проекти што ги реализираме на терен. Капиталните инвестиции ги реализираме во континуитет за да обезбедиме квалитетна инфраструктура и да реализираме проекти кои носат директен бенефит за граѓаните и економијата, истакна министерот Благој Бочварски денеска од Струмица. 

Министерот Бочварски во рамки на денешната посета на општина Струмица, заедно со градоначалникот Костадин Костадинов, извршија увид во инфраструктурните проекти што се реализираат во општината. 

При посетата на населеното место Градско Балдовци, министерот Бочварски истака дека преку Министерството за транспорт и врски се гради 10 километри комунална мрежа со вкупна инвестиција од 1,3 милиони евра.  

Тие извршија увид и во реконструкција на локалната улица Братство Единство, која се реализира преку Министерството за транспорт и врски во висина од 18,7 милиони денари. 

“Струмица е пример за одличната соработка помеѓу централната и локалната власт, каде работиме на значајни проекти за подобрување на патната и комуналната инфраструктура. Овде во Градско Балдовци работиме на изградба на фекален и атмосферски канализационен систем во должина од преку 10 километри и инвестиција во висина од преку 85 милиони денари. Во завршна фаза е реконструкција на локалната улица Братство Единство, а сакам да најавам уште еден значаен проект за Струмичани, а тоа е реконструкцијата на улицата 23 Октомври, проект кој исто така ќе се реализира преку Министерството за транспорт и врски во соработка со општината и каде градежните работи очекувам да започнат ова лето.  И ова е придонесот на Владата што го прави за Струмица, за граѓаните на Струмица за сите други општини во државата,” изјави министерот Бочварски. 

Градоначалникот Костадин Костадинов потенцираше дека со капиталните инвестиции во општината, Струмица станува економски центар во државата. 

“Реализацијата на проектите по барање на граѓаните е невозможна без поддршката од централната власт. Улицата Братство Единство само по себе значи растеретување на сообраќајот кај кванташки пазар, многу подобра комуникација со Просениково и другите населени места, развој на најзначајната индустриска зона каде веќе имаме преку 30 милиони евра инвестиции од домашни и странски компании и потенцијална можност за нови инвестиции. Би го спомнал како проект новиот градски пазар за кој ја комплетираме тендерската постапка, понатаму да најавам уште еден крупен проект што го работиме со Министерството за земјоделие а тоа е изградба на регионалниот откупен центар. Би потенцирал дека Струмица станува најзначајниот економски центар во државата ,” изјави Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица.