Заедничка прес-конференција на Ковачевски и О’Брајaн: Пред граѓаните е визијата за движење кон Европа, а САД сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ што побрзо

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одржа заедничка прес- конференција со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн, по Лидерскиот состанок што се одржа во Скопје, посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија.

Премиерот Ковачевски и високиот американски претставник О’Брајaн соопштија заеднички очекувања за придонес на Планот за раст на Западен Балкан во забрзана интеграција на Република Северна Македонија кон Европската Унија, со цел постигнување на посакуваниот економски развој и на европски стандарди на живот. 

„Важно е за граѓаните да чујат дека имаме конкретен план како да ги зајакнеме нашите економии, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да обезбедиме стабилен и развиен регион. Важно е да чујат дека имаме конкретна поддршка на европскиот пат“, констатираше премиерот Ковачевски.

„Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Со неговата реализацијата којашто зависи и од ЕУ но пред сè од нас, земјите од Западен Балкан, бруто-домашниот производ по глава на жител треба да се удвои“, соопшти премиерот.

„Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Воедно, испратија и порака дека во тој процес, сметаат на проевропските државни лидерства“, оцени премиерот Ковачевски, додавајќи дека процесот на евроинтеграции продолжува.

„Денес бев домаќин на завршниот меѓународен настан во овој мој прв мандат како премиер и би ја искористил оваа прилика јавно да им се заблагодарам на сите за партнерството и соработката. Заедно поминавме низ многу предизвици, се држевме едни со други и ги здруживме силите кога тоа беше потребно. Верувам дека и во следниот мандат ќе ја продолжиме и интензивираме проевропската агенда којашто нашите граѓани ја очекуваат од нас. Регионот, Северна Македонија припаѓа во ЕУ и тоа е процес што е започнат и нема да застане. ЕУ е нашата единствена алтернатива и стратешка цел. И затоа и тука, и пред вас ќе повторам - со политичка волја и напорна работа, нема недостижна цел“, порача премиерот Ковачевски.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн на прес конференцијата соопшти дека САД очекуваат да задоволат интересите на граѓаните на Западен Балкан и владите да имаат поблиска интеграција со Европа и испрати силна порака на поддршка - евроинтеграцискиот процес да продолжи до целосно членство во ЕУ.

„Северна Македонија и САД ќе продолжат да работат заедно на траекторијата на земјата кон Европа. Луѓето на оваа земја ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго. Ќе зависи од граѓаните да одлучат. Од гледна точна на САД, ние сакаме да ја видиме Северна Македонија да стане дел од Европа колку што е тоа можно побрзо“, порача високиот американски претставник, Џејмс О’Брајaн, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

JOINT STATEMENT FROM THE LEADERS OF THE WESTERN BALKANS SIX (WB6) “The Growth Plan: Western Balkans Meets EU” Conference, Skopje, 22 January 2024