Маричиќ на средба со Агелер: Посветеноста на остварувањето на европската агенда со нашите стратешки партнери е од интерес на сите граѓани

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес оствари средба со амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Ангела Агелер со која разговараше за соработката со САД како наш стратешки партнер во областите поврзани со европските реформи и за можностите за насочување и зајакнување на соработката во реализација на националните стратешки приоритети.

Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и силен сојузник на европскиот пат на нашата држава, ние сме благодарни за континуираната политичка и економска помош истакна Маричиќ. 

Посветеноста во остварувањето на европската агенда со нашите стратешки партнери е од интерес на сите граѓани на Северна Македонија, регионот на Западен Балкан, Европа и светот. Глобалните случувања бараат посветување внимание за одржување на стабилен регион и цврсто партнерство на Западен Балкан. 

Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорката Агелер на првиот состанок годинава разговараа за областите кои се приоритетни и за кои е потребно продолжување на поддршката од САД во насока на спроведување на европските реформи. 

„Поддршката на САД е од исклучително значење за нас и за регионот и со продолжување на цврстото партнерство градиме стабилност за сите граѓани во Северна Македонија.“

Агелер и Маричиќ разговараа за следните чекори во претстојниот период, кои ја засегаат политичката одговорност, и вложувањето во реформите, по изготвените патокази за владеење на правото и реформа на јавната администрација, кои согласно Преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена од Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година претставуваат одредници за отворање на Кластерот 1, Фундаментални вредности. 

На состанокот беше истакната важноста од користењето на моментумот за приближување на државата кон ЕУ и партнерството од САД фокусирано да обезбеди поддршка за промовирање просперитетна, добро управувана и стабилна Северна Македонија, посветена на евроатлантската интеграција. 

Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорката Агелер се согласија дека во време на силна поддршка од САД и Европската Унија за нашата држава и регионот на Западен Балкан, исклучително важно е да се преземат сите потребни мерки за користење на моментумот и спроведување на Планот за раст со кој, со помош на сите геостратешки партнери на Северна Македонија, ќе се обезбеди поголема соработка помеѓу земјите од регионот во насока на обезбедување стабилност, економски раст посебно важен за регионот и услови за непречено спроведување на зацртаните реформи.