Спасовски на тактичко-показна вежба РЕФЛЕКС 2023: Врвна подготовка, размена на податоци и координиран ангажман за брз и ефикасен одговор во справувањето со илегална миграција

Денеска во Кавадарци успешно беше реализирана тактичко-показна вежба РЕФЛЕКС 2023, во реализација на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, како дел од Одделот за гранични работи и миграции, со поддршка на ФРОНТЕКС, Хеликоптерската единица на МВР, а во соработка со Општата болница Кавадарци, на тема справување со прекуграничниот криминал, односно спречување на кривично дело „криумчарење на мигранти“, преку заедничка координирана соработка на повеќе организациски единици при МВР во соработка со Општина Кавадарци. Присутни на вежбата беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дел од раководството на МВР и БЈБ, ВД заменик амбасадорот на САД, Мајкл Кернс, градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, претставници на Македонскиот полициски синдикат, на ФРОНТЕКС и на ОБСЕ.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека МВР континуирано презема засилени мерки и активности за справување со оваа закана и спречување нејзино ескалирање.

 „Во однос на обидите за илегални преминувања, најголемиот притисок години наназад е токму на границата на Република Северна Македонија со Република Грција, а годинава имаме за 50% намалување на бројот на обидите за илегално преминување на границата, при што се откриени 12.000 мигранти. Тоа се должи на зајакнатите мерки и поефикасната контрола - како на самата гранична линија, така и преку работењето на пунктови во внатрешноста и, секако, вклученоста на припадниците на Фронтекс. Бројот на откриени случаи на криумчарење на мигранти на подрачјето на Регионалниот центар Југ е сличен со минатата година, со откриени 75 случаи во обид да се прокриумчарат 948 илегални мигранти, но ако го земеме предвид фактот дека бројот на мигранти во 2023 е намален за половина од лани, тоа говори за поголема ефикасност при откривањето на овие кривични дела годинава”, рече Спасовски. Притоа, тој го потенцираше значењето на реализацијата на вакви вежби.

„Секогаш имаме предвид дека при одговарањето на овој глобален предизвик, покрај на безбедносниот, мора истовремено да внимаваме и на хуманиот аспект, имајќи ја предвид ранливоста на мигрантите, и водејќи сметка за почитување и заштита на основните права на секое лице мигрант. Оттука и важноста на денешната тактичко-показна вежба. Впрочем, преку ваквите симулациски вежби, полицијата активно се подготвува за предизвиците од секојдневната работа, кои бараат врвна подготовка, размена на податоци и координиран ангажман. Затоа, симулациите играат клучна улога во подобрувањето на полициската  подготвеност и на нашите капацитетите за брз и ефикасен одговор. Така ја зајакнуваме нашата безбедност, а рамо до рамо со полициските службеници од Фронтекс и безбедноста на европските граници”, истакна Спасовски.

Во оваа прилика Спасовски упати честитки до еврокомесарката Јохансон и до земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент за постигнатиот историски договор за реформирање на миграциската политика на ЕУ пред два дена, кој допрва треба да мине низ формална ратификација, а се оценува како триумф на тригодишниот амбициозни напори за ставање крај на децениското ад-хок управување со кризи и едностраните мерки за справување со наглиот пораст на баратели на азил.

„Новиот пакт за миграција и азил претставува законодавен проект кој ги опфаќа сите фази на управување со азил и миграција, почнувајќи од проверка на нерегуларните мигранти штом пристигнат во ЕУ, земање биометриски податоци, процедури за поднесување и постапување со барањата за азил, правилата за одредување која земја-членка е одговорна за постапување по овие барања, соработка и солидарност меѓу земјите-членки, но и како да се постапува во кризни ситуации, вклучително и случаи на инструментализација на мигрантите. Неговото значење е големо, бидејќи се очекува конечно да се воспостават предвидливи, јасни норми кои се обврзувачки за сите земји-членки, а крајната цел е воспоставување на рамнотежа помеѓу одговорноста на оние кои примаат најголем дел од барателите на азил, и принципот на солидарност што треба да го почитуваат другите земји”, рече Спасовски.

Пред реализацијата на денешната тактичко-показна вежба, министерот Спасовски положи цвеќе пред спомен-обележјето на 12. Ваташки младинци.