Бесими: Буџетот за 2024 година согласно новите фискални правила, обезбедува средства за раст и зголемени плати и пензии

Буџетот за 2024 година, кој од денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието, се заснова на новите фискални правила од Законот за буџети и обезбедува водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика која е во насока на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување економска активност преку капиталните расходи, како и таргетирана поддршка за најранливите категории на граѓани и стопанството.

„Предлог буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на  јавните потреби на граѓаните и фирмите, односно обезбедување услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, алоцирање средства за таргетирана поддршка на ранливи категории граѓани и стопанство, интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Дополнетиот предлог буџет за 2024 година во Собранието на РС Македонија.

Тој додаде дека буџетскиот дефицит во 2024 година е согласно фискалните правила односно на ниво од 3,4%, ако се земе предвид дека  0,4% од буџетскиот дефицит се средства за антикризните мерки, и дополнително  1,7% се за плаќања на каматите за долгот акумулиран од минатото. Јавниот долг исто така е во рамки на фискалните правила и на крајот на оваа година ќе биде под ниво од 60%, односно 59,3% од БДП. Со ваквите политики ќе продолжиме и во наредниот период согласно Фискалната стратегија и Стратегијата за управување со јавниот долг.

Министерот потенцира дека е клучно што се менува структурата на буџетот. „Од минатата година нивото на капитални расходи е поставено на два пати повисоко ниво во однос на 2020 година. Со оваа тенденција се продолжува и во Буџетот за 2024 година, во кој капиталните инвестиции се на ниво од 45,2 милијарди денари и кои воедно се на ниво повисоко од буџетскиот дефицит.

Во Буџетот за 2024 година вкупните приходи се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8% повисоки во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари и истиот е проектиран во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или на ниво од 3,4% од планираниот БДП.

Средствата се наменети за реализацијата на веќе започнатите инфраструктурни проекти, односно инвестиции во патната и железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, животната средина и правосудството.

Со Буџетот за 2024 година се обезбедени за 6,7% повеќе средства во однос на 2023 година за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности на претпријатијата.

Со оглед на постоење на неизвесноста од кризата во Буџетот се предвидени и средства во износ од 60 милиони евра за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството. Дополнително, средства за оваа намена се предвидени и во други програми на министерствата, како што се Програмата за енергетска сиромаштија и Програмата за гарантиран минимален приход во Министерството за труд и социјална политика и слично.

Во 2024 година се очекува економски раст кој е проектиран на 3,4 % и  инфлација на ниво од 3,6%.

Расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2024 година во Собранието согласно Деловникот трае 5 дена.