Бесими: Буџетот за 2024 година носи поддршка на силен инвестициски циклус, фискална консолидација и поддршка на стандардот

Предлог-буџетот за 2024 година обезбедува услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, поддршка на стандардот на граѓаните и ранливи категории граѓани и стопанство, како и интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во експозето на Предлог-буџетот за 2024 година во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет,каде од денеска е на дневен ред.

Претставувајќи го Предлогот во име на Владата, министерот потенцира дека политиките што се дел од Буџетот за 2024 година се во функција на одговор на продолжената неизвесноста, забавување на глобалната економија и ризиците врз нашата економија.

„Стратегијата за заздравување, а понатаму и за забрзување на растот се заснова, прво и основно, на поттикнување на развојот преку силен инвестициски циклус, чиј носител е јавниот сектор, преку крупните инфраструктурни проекти, но исто така и приватниот сектор, кој ќе биде поддржан преку буџетските политики. Второ, клучно е обезбедувањето фискална одржливост, преку континуирана фискална консолидација, но воедно и енергетска одржливост, одржливост во земјоделството и воопшто во економијата, преку водење зелена економија“, посочи министерот.

Тој потенцира дека најважно е што во буџетот се менува структурата, односно дека од минатата година нивото на капитални расходи е два пати повисоко во однос на 2020 година и дека таквата тенденција е задржана и во Буџетот за 2024 година. Од друга страна, како што наведе, буџетскиот дефицит е речиси за една третина намален во однос на проектираното ниво за оваа година, односно на ниво од 3,4% од БДП, од кој само половина е примарниот, односно 1,7% од БДП, додека другата половина оди за плаќање камати за долг акумулиран од минатото до сега.

Согласно Предлогот, како што рече Бесими, Буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на  јавните потреби на граѓаните и фирмите. Вкупните приходи се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8% повисоки во однос на 2023 година.  Според него вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари и истиот е проектиран во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или на ниво од 3,4% од планираниот БДП. Покрај понискиот буџетски дефицит, преку буџетската потрошувачка се предвидува нормално функционирање на институциите, обезбедување развојна компонента, како и алоцирање неопходни средства за резерви за кризни состојби на ниво од околу 0,4 % од БДП.

Буџетот, како што беше посочено во експозето, обезбедува редовно и непречено извршување на сите законски обврски, непречено спроведување на изборните активности, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции и иновативност на домашните компании и друго.

Со планирани 298,6 милијарди денари за тековни расходи се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, на субвенции во земјоделството, поддршка на МСП, поддршка и субвенционирање на иновативните активности на претпријатијата, како и алоцирање средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството.

За расходи за плати се проектирани 41,2 милијарда денари, кои се за 10% повисоки во однос на 2023 година и обезбедуваат исплата на зголемените плати на вработените во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор. Расходите за стоки и услуги се проектирани на 25,3 милијарди денари, во чии рамки се обезбедени 1 милијарда денари за реализација на изборите, тековните трансфери и субвенции се планирани на ниво од 215,3 милијарди денари, односно 83,6 милијарди денари за исплата на пензии, 13,2 милијарди денари за надоместоци за социјална заштита, 1,5 милијарди денари паричен надоместок во случај на невработеност, 1,9 милијарди денари за активни политики и мерки за вработување. За здравствена заштита се планирани 45,7 милијарди денари, за трансфери до единиците на локалната самоуправа 29,8 милијарди денари, како и средства за земјоделски субвенции и субвенции на приватниот сектор.

Со оглед на продолжување на неизвесноста во Буџетот се предвидени за 2024 година и 60 милиони евра за мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството. Дополнително средства за оваа намена се предвидени и во други програми на министерствата, како Програмата за енергетска сиромаштија и Програмата за гарантиран минимален приход во Министерството за труд и социјална политика и слично.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,1 милијарди денари, и се наменети за реализацијата на веќе започнатите инфраструктурни проекти, односно инвестиции во патната и железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, животната средина и правосудството.

Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4% и инфлација на ниво до 3,6%.

Во Комисијата за финансирање и буџет, расправата по Предлог-буџетот трае 10 работни дена, по што се праќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Согласно утврдените рокови Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.