Средба Груевски - Хејг во Лондон

Премиерот Никола Груевски во рамки на посетата на Лондон  по повод Инвестицискиот форум „Обединето Кралство - Македонија“, за презентација на можностите за правење бизнис пред потенцијалните британски инвеститори, денеска се сретна со шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг. 

Премиерот Груевски со министерот Хејг размениле мислења за повеќе работи, а дискутирале и за она што е особено значајно за Македонија - реформскиот процес во контекст на евроинтеграциите. Премиерот при тоа се осврнал и на последниот позитивен Извештај на ЕК за Македонија којшто ја потврди препораката за почеток на преговорите, а во тие рамки и на спорот за името со Грција, кој што ја блокира земјата подолг период за членство во НАТО и за почеток на преговорите со ЕУ. 

- Му ги презентирав моите видувања околу ова прашање и можностите како да се надмине сето ова, го запознав со многу детали, но и со реалната ситуација дека Грција подолг период веќе целосно  е дефокусирана од ова прашање, веројатно заради проблемите со кои се соочува и дека ние сме на некој  начин во една многу тешка ситуација затоа што трпиме сериозни последици од тоа. Тоа е добра информација за министерот Хејг бидејќи Британија е држава која што не поддржува и презентираните аргументи, ќе му помогнат во понатамошните негови контакти во ситуации кога сака нешто да ни помогне, независно дали во рамките на ЕУ, во рамките на НАТО или во  која било друга ситуација и позиција, рече Груевски. 

Тој на британскиот министер за надворешни работи му ги презентирал и најновите достигнувања на Република Македонија во реформите направени во економската сфера како резултат на кои што земјата оствари напредок на листата на Дуинг бизнис на Светската банка во однос на правење добра бизнис клима за привлекување на инвеститори, но и реформите што ги направи во судството и во јавната администрација коишто постепено почнуваат да се имплементираат во Република Македонија.

- Овие реформи по своето значење се многу големи и дел од нив се и вистинска реткост во Европа во однос на ригидноста на поставувањето на правилата и нивното почитување, подвлече по средбата премиерот Груевски.

Категорија: