Петровска од Брисел: Единството и сојузништвото е носечки столб на Алијансата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во седиштето на НАТО, во Брисел, учествуваше на состаноците на министрите за одбрана, во рамките на Северноатлантскиот совет на Алијансата. Состаноците се реализираа во две засебни сесии, а во фокусот на дискусијата беа состојбата во Украина, инвестирањето и давањeто на поддршка за зајакнување на капацитетите на Алијансата и НАТО концептот за одбрана и одвраќање.

„Нашата цел е јасна – НАТО е одбранбена Алијанса која нема да дозволи нарушување на безбедноста на територијата на земјите – членки и секоја од сојузничките земји е посветена и сплотена кон оваа цел. Ниту сакаме, ниту бараме конфликти, но стоиме цврсто гарантирајќи ја територијата на НАТО и безбедноста на граѓаните“, истакна Петровска.

Во рамките на дискусијата, министрите разговараа и за рамномерното споделување на товарот, при што, министрите го поздравија континуираното седумгодишно зголемување на средствата наменети за одбрана на земјите-членки. Заедничката цел е достигнување на ниво од 2% од бруто-домашниот производ за одбрана, од кои најмалку 20% за нова опрема и истражување и развој.

Во тој контекст, Петровска истакна дека ние сме посветени кон реализација на оваа определба, а оваа година една третина од македонскиот буџет за одбрана се користи за опремување и модернизација, со што се демонстрира нашата посветеност кон колективната безбедност и безбедноста на нашиот регион.

Петровска присуството во НАТО го искористи за да се сретне и со повеќето од своите колеги од земјите членки на Алијансата на кои беше изразено задоволство од високото ниво на одбранбена соработка, како и од заедничките напори за здружено гарантирање на безбедноста на целата трансатлантска област, на која припаѓаат.

На средбата со словенечкиот министер за одбрана, Марјан Шарец, Петровска посочи дека Северна Македонија и Словенија имаат исклучително интензивна и блиска соработка во одбраната која вклучува и заеднички вежби и обуки, користејќи ги капацитетите на двете земји. Двајцата министри изразија задоволство од донесената одлука за финансиска и материјална поддршка на Балканските медицински наменски сили од страна на European Peace Facility, што значи зајакнување на воено-медицинските капацитети и развој на оваа мултинационална, воено – медицинска единица.

Петровска денеска во Брисел учествуваше и на средбата организирана од страна на министрите за одбрана на Канада и Латвија, посветена на петгодишнината од воспоставувањето на борбената група во Латвија, која е дел од т.н. зајакнато присуство на НАТО силите на источното крило на Алијансата.