Министерот Попоски се сретна со поранешниот државен секретар на САД Хенри Кисинџер

Во рамките на неколкудневната посета на Соединетите американски држави, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во Њујорк имаше средба со Хенри Кисинџер, поранешен државен секретар на САД и добитник на Нобеловата награда за мир.

Министерот Попоски и Кисинџер, како што соопшти Министерството за надворешни работи, во отворен разговор размениле мислења за стратешките определби и предизвиците во регионот на Југоисточна Европа. Министерот Попоски го запознал соговорникот и со актуелностите во процесот на зачленување на Република Македонија во НАТО и во ЕУ.

Кисинџер на средбата го истакнал своето убедување дека интеграциите на регионот во НАТО и ЕУ се клучна одредница за обезбедување мир, стабилност и просперитет во Европа. Во разговорите, соговорниците го споделиле ставот за потребата од континуирана поддршка на балканските земји во правец на нивно што побрзо зачленување во Евро-атлантското семејство.

Во текот на денот министерот Попоски одржал предавање на Универзитетот Колумбија во Њујорк, пред претставници на академската заедница и студенти на Универзитетот,  на тема „Евро-атлантската интеграција: кон безбедност и просперитет на Западниот Балкан“.

Во своето обраќање министерот Попоски говорел за перспективите во Евро-атлантската интеграција на регионот, со посебен акцент на напредокот на Република Македонија во овој процес, како и очекувањата за добивање заслужена покана за членство во НАТО и започнување на пристапните преговори со Европската Унија.