Утврдена минималната плата во Македонија - 8.050 денари во нето износ


Минималната плата во Република Македонија ќе изнесува 8.050 денари во нето или 12.265 денари во бруто износ, се договорија денеска трите социјални партнери - Владата, работодавачите и синдикатите.


Утврденото ниво на минимална плата се однесува на основната плата за полно работно време и нормален учинок, односно во износот не се вклучени додатоците на плата, кои доколку постои основ за исплата, се додаваат на утврдениот износ. Доколку вработениот не ги остварува очекуваните резултати, минималната плата се намалува соодветно на сработеното.


- За првпат во историјата на независна Македонија, после 20 години преговори на различни гарнитури - политички, економски и синдикални, постигнат е договор за утврдување на минимална плата. Даденото ветување се исполни, рече премиерот Никола Груевски на прес-конференција по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет.


Тој истакна дека со овој договор ќе се подобри состојбата на 65 илјади работници чија плата во моментот е под предложеното ниво. Најави донесување на закон за минимална плата до крајот на годината, кој ќе почне да се применува од 2012 година.


- Процесот опфаќа усогласување со предвиденото решение на дел од претпријатијата, односно работодавачите ќе треба да ги усогласат платите на околу 65 илјади лица на кои се исплатува плата под предложеното ниво, меѓу кои најголемиот дел кои работат во секторите текстил, производство на кожа и на облека. Поради тоа ќе се обезбеди период на усогласување од три години во кој ќе се достигне предложениот износ на минимална плата, подвлече премиерот Груевски. Тој нагласи дека утврдениот износ е на оптимално ниво и нема да предизвика негативни последици врз економијата и врз вработеноста, затоа што до него, како што рече, е дојдено преку усогласен став на синдикатите и работадавачите.


- Убеден сум дека овој износ што е заеднички утврден помеѓу работадавачите и синдикатите и со посредство на Владата, во рамки на Економско-социјалниот совет, во моментот е максималниот износ кој не ги загрозува работните места на работниците. Владата во овој дијалог ги вложи своите потенцијали за да помогне во балансирањето на правата и интересите меѓу засегнатите и да послужи како гарант на успешно завршената работа меѓу синдикатите и работадавачите, рече претседателот на Владата. Предности од воведувањето на минималната плата, според Груевски, се зголемување на животниот стандард на најсиромашните и најранливи слоеви во општеството, мотивација и охрабрување за вработените да работат повеќе, стимулирање на потрошувачката и зголемување на работната етика, како и намалување на сивата економија. Работодаваците и синдикатите изразија задоволство што за првпат се утврдува минимална плата во државата со која ќе се обезбеди пред се материјална и социјална сигурност за работниците.


Утврдувањето на минималната плата, според нив, покажува дека заживува социјалниот дијалог во државата и оти даденото ветување пред изборите не е политички трик туку јасно изразена волја на посветеност на социјалните парнери да ги почитуваат меѓународните конвенции.

Категорија: