Премиерот Заев од магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар: Интегрирани сме во енергетски проекти за стабилно снабдување со гас за поголема конкурентност на стопанството и економски развој

„Со интерконекторот со Грција, државата ќе обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас,  независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија за регионална соработка во енергетиката“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на денешниот увид на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар заедно со министрите Бектеши и Бочварски и директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

Премиерот Заев го поздрави напредокот на работните активности и истакна дека магистралниот гасовод е дел од изградбата на преносниот систем за гас во целата држава, како еден од врвните приоритети на Владата што е од исклучителен интерес за граѓаните и за стопанството.

„За три години направивме огромна разлика на планот на енергетиката. Од земја која што беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи и за брз економски развој и за стабилно снабдување на граѓаните со евтин и еколошки енергенс како што гасот. Оваа динамика на градежни работи и во услови на пандемија, веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните што значи обезбедување пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата. Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 86 километри, заклучно со септември оваа година, е реализирана на ниво 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година, вклучувајќи ја и изградбата на мерните станици и краците кон градовите“, изјави премиерот Заев.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека изградбата на гасоводот е најприоритетен проект во енергетиката во државата. На изградбата на националниот гасовод се работеше интензивно во изминатите три години, а со исто темпо ќе се продолжи и во наредниот период. Министерот Бектеши потенцираше дека паралелно се работи на воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа.

“Ова ќе овозможи пониски цени за енергенси за индустријата и стопанството, а компаниите ќе станат поконкурентни со што ќе ги намалат нивните трошоци во делот на снабдување со енергенси, но дополнително ќе им овозможи и на граѓаните можност на снабдување со природен гас”, кажа министерот Бектеши.

Министерот Бочварски потенцираше дека се вложени сите расположливи капацитети за интензивно решавање на имотно-правните односи и забрзување на постапките за експропријација и одобрување на проектите за инфраструктурната гасификација на земјата, која  ќе придонесе за намалени емисии на штетни гасови, а со тоа и за почист воздух и поздрава животна средина, од бенефит не само за нас, туку и за идните генерации.

„Во моментов за изградба на двата магистрални гасоводи се реализираат инвестиции во висина од околу 65 милиони евра од кои 29 милиони за изградба на кракот од Скопје кон Гостивар и 36 милиони евра за изградба на гасоводот од Неготино до Битола“, рече Бочварски истакнувајќи ги следните чекори за продолжување на кракот кон Кичево-Охрид, поврзувањето со пруга крак кон Велес и Cв.Николе, како и проектите за изградба на интерконекциски врски со соседните држави.

Директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи ја истакна важноста од гасификацијата и рече дека иако во време на пандемија е неблагодарно да се дефинираат точни рокови, очекува навремена реализација на предвидените проекти.

Во прилог интегрален текст од обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.


Заев: Магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар е дел од изградбата на преносниот систем за гас во целата држава во интерес на граѓаните и на стопанството на нашата земја

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев придружен од министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи, направи увид во работите на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. 
Во продолжение ви ја праќаме целосната изјава на премиерот Заев. 

„Денеска сме на терен за да го видиме и да го охрабриме напредокот на работите на кракот од магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар.
Овој магистрален гасовод е дел од гасификацијата, односно изградбата на преносниот систем за гас во целата држава, како еден од врвните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, од посебен и исклучителен интерес на граѓаните и на стопанството на нашата земја.

Од увидот во работите констатиравме дека делницата Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 86 километри, заклучно со септември оваа година, е реализирана на ниво 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година, вклучувајќи ја и изградбата на мерните станици и краците кон градовите.

Без разлика на тоа што заради последиците од пандемијата со КОВИД-19 изведувањето на работите е забавено, целосно се завршени работите на гасната магистрала од Клечовце до Неготино во должина од 96 километри, додека делницата Неготино – Прилеп – Битола, долга 92 километри во септември беше комплетирана до 92 проценти. Овој магистрален гасовод со сите придружни инфраструктурни елементи ќе го комплетираме во вториот квартал на 2021 година.

Оваа динамика на градежни работи веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните. Следува фазата кога ќе ги определиме операторите на секундарната мрежа кои ќе треба да обезбедат пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата.

За оваа цел беше објавен јавен повик за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас. Во тек е евалуација на пријавите за учество, заедно со консултантите од Европската банка за обнова и развој, за проверка на нивните капацитети согласно критериумите на повикот.

Од наша страна, со интерконекторот со Грција, државата ќе обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас,  независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија за регионалната соработка во енергетиката. 

Со поддршка на Соединетите американски држави и ЕУ, Северна Македонија во претстојниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти од енергетиката од особено значење за земјата и за регионот.

За три години направивме огромна разлика на планот на енергетиката. Од земја која што беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи и за брз економски развој и за стабилно снабдување на граѓаните со евтин и еколошки енергенс како што гасот.

Ви благодарам“.