Поставен камен темелник за изградба на автоматизирана катна гаража во центарот на Скопје

Автоматизирана катна гаража  „Мал ринг“, која треба да обезбеди 280 паркинг места, почна да се гради денеска до објектот на АД МЕПСО  во центарот на Скопје,  со вкупна површина од 8.222 метри квадратни и висина од 29 метри.

Во изградбата на гражата, чиј камен темелник го постави денеска премиерот Никола Груевски, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор ќе инвестира 5,8 милиони евра.

- Во  изминатиот период почнавме многу проекти. Голем дел се во изградба, веќе ја добиваат и својата конктура, а паралелно со тоа и градот добива нов имиџ во новата слика на тоа што се создава. Новиот  објект  ќе биде дел од новата слика на македонската метропола, рече во обраќањето на свеченоста Груевски.

Тој истакна дека „Мал ринг“ е четврта по ред катна гаража која ја градат државни претпријатија или општини, од предвидените седум, покрај тие кои треба или веќе ги гради приватниот сектор.  


- Од општина Центар има најава за изградба на една гаража повеќе од планираното, што значи дека крајниот исход на изградба на катни гаражи од Градот Скопје, Општина Центар и Јавното претпријатие ќе биде осум, посочи Груевски.

Според него, новата автоматизирана гаража ќе биде изградена за две години, а со 280. паркинг места  во огромна мерка ќе помогне во надминување на проблемот со наоѓање слободен простор  во центарот на Скопје.

- Фасадниот дел  на гаражата ќе биде во стилот на околните згради што се градат во овој дел на градот за да биде во склад со тоа што се создава тука. Ова е регион каде има многу административни згради, како на приватни, така и на државни институции. Во непосредна близина е на голем број  други објекти,  културни обележја, споменици, што само по себе говори за нужната потреба од ваков објект, особено ако се има предвид дека токму поради новите содржини во Градот доаѓаат голем број туристи и е зголемена фрекфенцијата на луѓе, рече Груевски.


Според директорот на станбеното претпријатие Цветко Грозданов, гаражата  е мала по габарит, но со голема искористеност на просторот.

- Влезот во неа е решен со новопроектирана улица  со влез и излез од првото подрумско ниво. Влезот во лифтовите кои ги  дистрибуираат возилата се наоѓа во самиот подрум каде се остава возилото, а потоа  автоматски се преземаат преку лифтовите кои се решени со влез и излез, објасни Грозданов.

Тој додаде дека архитектурата на објектот  е решена во класичен стил со апликации од портал и колонади од лакови  во приземјето и на катот, разбиени со стакелни екрани низ кои ќе може да се гледаат паркираните возила.

Проектант на автоматизираната гаража е ГМС проект Скопје, а изведувач на градежните работи АД Гранит од Скопје.

Категорија: