Се изготвува текст за вклучување на Македонија во „Јужен поток“

Владите на Република Македонија и на Руската Федерација изготвуваат текст за вклучување на Македонија во проектот „Јужен поток“, како еден од стратешките приоритети за обезбедување стабилност во снабдувањето со гас и воопшто за стабилноста на македонскиот енергетски сектор, истакна денеска во Охрид вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Прашањето на унапредувањето на соработката во енергетскиот сектор беше главна тема на разговорите на петтиот состанок на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка што се одржа во Охрид.

- Констатиравме заеднички дека меѓусебната размена бележи позитивен нагорен тренд. Главниот акцент беше ставен на констатации на меѓусебните односи,  соработката во делот на енергетиката, железничкиот сообраќај, туризмот, регионалната и културната соработка. Притоа Комисијата заклучи дека има напредок во енергеткскиот сектор, како еден од најзначајните во односите меѓу Република Македонија и Руската Федерација, истакна Ставрески.

Притоа тој нагласи дека е регистриран позитивен прогрес во реализацијата на најзначајните заеднички проекти што е планирано да се реализират меѓу двете земји.

- Потврдено е задоволство од вклучувањето на руски фирми во модернизација на македонските хидро и термо-капацитети и во таа насока секако учеството и значењето што руските фирми го имаат во енергетскиот сектор, во делот на инвестициите, пред се во рударството каде руски фирми веќе се присутни тука. За останатите сегменти Комисијата констатира дека ќе продолжи соработката  и напорите да се воспостават многу подобри односи во делот на развојот на туризмот каде имаме и создадено правна рамка со потпишани спогодби. Останува во наредниот период приватниот сектор да го направи она што треба во насока на презентација на можностите на двете земји, рече вицепремиерот Ставрески.

Тој изрази очекување за развој на соработката во делот на културата, пред се преку реализација на проектот за отварање културни центри во Скопје и Москва, но и во областа на образованието, преку потпишување документ за признавање на дипломите на двете земји.

Од македонска страна било побарано и зголемување на квотите за македонски студенти кои со помош на Руската Федерација би студирале во Русија, особено во областите на енергетиката и гасификација, каде е потребен квалитетен кадар што ќе придонесе за реализација на значајни проекти предвидени за наредниот период.

Рускиот заменик-министер за регионален развој Максим Травников согласен за потребите од натамошен развој на севкупната соработка меѓу двете земји.

- Разговаравме за можноста за унапредување на најперспективната и најбитната компонента на нашата соработка, а тоа е енергетиката. Зборувавме за она што е реализирано досега, она што се реализира во тек и за идните перспективи, од аспект на модернизацијата на енергетскиот систем на Македонија, со  можно учество на руски компании, рече од своја страна рускиот заменик-министер за регионален развој Травников.

Тој укажа на можностите за унапредување на соработката на Македонија со одделните руски региони, како активност со голем стопански потенцијал.

– Владата на Руската Федерација е подготвена да ги поддржи сите иницијативи за интензивирање на контактите со руските региони. Тука зборувавме за евентуална промоција на одредени македонски прозиводители на рускиот пазар, како што се производителите на земенчук, овошје, вино, се во насока на изнаоѓање на нови, досега неискористени можности, рече Травников.

Трговската размена е доминантен облик на економската соработка меѓу Македонија и Русија, а Руската Федерација континуирано е меѓу првите десет трговски партнери на Македонија.

Трговската размена меѓу Македонија и Русија во текот на првата половина на оваа година достигна 374,3 милиони долари, што е за 39 отсто повеќе отколку за истиот период лани. Македонската страна во размената бележи висок трговски дефицит при што покриеноста на увозот со извозот не надминува пет отсто, што се должи на увозот на енергенсите без кои надворешно-трговската размена би била балансирана.

Категорија: