Министерот Кралев најави инвестиции во образовната инфраструктура во Кочани

Со средства од Министерството за образование и наука ќе се гради влез на ОУ „Никола Карев“ во Кочани и ќе се доизгради спортската сала во ова училиште, информираше министерот Панче Кралев при денешната посета на општина Кочани.

- МОН има планирано 60 милиони евра за инвестиции во оваа година и дел од овие средства ќе се насочат во општина Кочани, изјави Кралев и додаде дека во програмата на МОН за реконструкција на училишта низ државата се и две основни училишта во Кочани. Ќе биде санирана нивната покривна конструкција и заменети санитарните јазли.

Министерот најави дека деновиве на општината ќе и се донира и ученички автобус.

Кралев ја посети и гимназијата „Љупчо Сантов“, како и Правниот факултет од Штипскиот универзитет. Рече дека е задоволен од интересот за едукација на овој дисперзиран факултет, на кој во 2011/2012 се запишале 230 студенти.