Димоски: Поголема македонско-руска соработка во земјоделството во интерес на двете страни

Македонија со право може да очекува придвижување на соработката со Русија во областа на земјоделството, што одговара на интересите на двете страни, истакнува македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски во интервју за ИТАР-ТАС во пресрет на неговата посета на Руската Федерација кон средината на месецов.

Според Димоски, потенцијалот во соработката се уште не е реализиран целосно. Оптималните можности за нејзино зацврстување ќе бидат разгледани на средба со руската министерка за земјоделство Елена Скирник.

Македонските земјоделци се заинтересирани за испорака на своите стоки на рускиот пазар, а  на територијата на Русија се произведуваат стоки за чиј пласман овде имаат потреба македонските граѓани. Затоа, укажува Димоски, сакаме не само да ги рекламираме своите производи во Руската Федерација, туку и да ги привлечеме руските компании во Македонија.

Со бизнис делегација министерот за земјоделство при престојот во Русија ќе учествува на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за производство ПРОДЕКСПО-2012 во Москва. - Ќе бидат претставени водечките производители на најдобрите сорти македонско вино во земјава. Планираме да го привлечеме вниманието кон нив од страна на руските потрошувачи. Заинтересирани сме за освојување на регионалните пазари на Руската Федерација и подготвени сме да им предложиме природен производ со висок квалитет, најавува Димоски.

Тој во интервјуто говори и за влијанието на влезот на Русија во Светската трговска организација (СТО) за македонските земјоделци кои извезуваат  во Русија. Интегрирањето на Русија во оваа меѓународна организација ќе ги зацврсти взаемните односи меѓу нашите земји не само во областа на земјоделството, туку и во секој дел од економската соработка. Земјите, кои влегуваат во СТО, преземаат врз себе и определени правни обврски кои претставуваат соодветна гаранција за бизнисот. На таков начин, претприемачите од Македонија ќе се чувствуваат позаштитени при инвестирањето во економијата на Русија и во пласманот на своите производи во оваа земја, смета Димоски.

Министерството за земјоделство, како што вели, целосно ја поддржува иницијативата на македонските бизнисмени за отворање  големи центри во руските региони во коишто би можеле ефикасно да се чуваат и продаваат на големо овошје и зеленчук од Македонија.  Раководството на државата, најавува, ќе им даде секаков вид соработка во таа намера.

- Главна задача во оваа насока, како што мене ми се чини, треба да стане барањето на заинтересираните партнери во руските региони. Не треба да се става акцент само на Москва и на Московската област, каде конкуренцијата е неверојатно голема. Неопходно е да се најдат такви пазари за нашите стоки на кои ќе можеме да се задржиме подолг период и на кои ќе бидеме во можност да им бидеме достојна конкуренција на руските бизнисмени, наведува Димовски.

Освен тоа, додава, треба да се привлече и руски капитал во Македонија со цел создавање големи откупни центри за купување, сортирање и транспорт на земјоделските производи во Русија. Ако ги заинтересираме руските инвеститори, можеме да им обезбедиме достапност до целиот циклус на производство на стоките, што ќе стане гаранција за нивниот квалитет и еколошката безбедност, вели министерот за земјоделство, шумарство и водстопанство Димоски во интервју за ИТАР-ТАС.

 

 

 

Категорија: