Груевски-Ердоган: Силна политичка и економска поддршка од Турција за Македонија

Интеграцијата на Република Македонија во НАТО беше централна тема на денешната средба на претседателот на македонската Влада Никола Груевски со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган попладнево во Анкара.

Средбата со Ердоган е дел од активностите на премиерот Груевски за презентација на националните интереси и на придобивките за секого од членството на Македонија во НАТО.

- Покрај главната тема-зачленувањето во НАТО, разговаравме и за други прашања поврзани со економијата и за доаѓањето на турски инвеститори во Македонија. Го информирав премиерот Ердоган за презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија што во изминатите неколку дена македонската владина делегација ги имаше во неколку градови во Турција, за средбите со турските бизнисмени и за нивниот голем интерес, изјави Груевски по средбата со Ердоган.

Огромен е интересот на турските инвеститори, потенцираше премиерот, додавајќи дека македонската делегација секаде била пречекана од голем број инвеститори со голема заинтересираност за многу детали.

- Многу од нив најавија дека ќе дојдат во Македонија за да ги испитаат можностите за инвестирање. Премиерот Ердоган кажа дека и понатаму ќе дава поддршка на ова поле. Како што знаете, тој во неколку наврати досега ги има јавно повикано турските инвеститори да вложуваат во Македонија и тоа имаше големо влијание во придвижувањето на инвестициите од Турција во Македонија, рече Груевски.

Покрај политичката, истакна македонскиот премиер, останува силната турска поддршка и во економските односи. Груевски подвлече дека го запознал Ердоган со сите детали од досегашните напори што Македонија ги прави во сите сфери.

Турција е голем стратешки пријател на Македонија и силен поддржувач во напорите да стане членка на НАТО и на ЕУ. Принципиелниот став на Турција и на премиерот Ердоган за поддршка на Македонија за членство во НАТО ќе биде искажан и на Самитот во Чикаго, односно дека Анкара силно ќе застане зад интересите на Република Македонија. На неодамнешниот состанок на Северноатланскиот совет, Турција побара редефинирање на ставот на НАТО во однос на Република Македонија на Самитот во Чикаго.

Процесот на лобирање и поддршка е во тек и трае и не е нешто што ќе се случи само во Чикаго. Тој се одвива на начин како што е договорен меѓу двајцата премиери при неодамнешната посета на Ердоган на Македонија.

Владата спроведува координирана државна стратегија во која сите нејзини претставници, министри, дипломати... спроведуваат меѓународни активности за реализација на стратешките определби за членство во НАТО.