Филе: Името може да се реши до крајот на годинава, реформите да продолжат


Еврокомесарот за проширувње Штефан Филе е оптимист и очекува до крајот на годинава да биде решен проблемот со името меѓу Грција и Македонија.
- Решението ќе биде добро за земјата, за луѓето и за бизнисот. Вашата земја заслужува да биде дел од позитивната слика на регионот. Ако нема решение земјата ризикува да заостане, рече еврокомесарот на денешната прес-конференција со премиерот Никола Груевски.

Оптимист сум, нагласи, дека до крајот на годинава ќе се реши големиот проблем. Такво чувство ми дава довербата меѓу премиерите Груевски и Папандреу и нивната посветеност за решавање на овој сложен проблем. Ги охрабрувам да дејствуваат и да работат што е можно повеќе за што поскоро да се реши името, рече Филе.

Прашан дали решавањето на проблемот со името ќе значи и почеток на преговорите на ЕУ со Македонија, еврокомесарот одговори дека треба да се почека извештајот што ќе биде објавен на 12 октомври за да се види дали земјата повторно како 2009 и 2010 ќе добие препорака за почеток на преговорите.

- Земјата неодамна презема неколку чекори напред. На средбата со премиерот Груевски го поздравив брзото воспоставување на Владата, забележав развој во реформите на Судскиот совет и усогласеност со ЕУ политиките во неколку важни полиња. Сепак, има недостатоци во одреден број области и потребни се посилни мерки да се осигура дека во практика судиите и државните службеници се вработуваат врз основа на заслуга, рече Филе и додаде дека новиот вицепремиер за европски прашања Теута Арифи може да даде важен придонес во евроинтеграциите.

Тој како многу важна во разговорите со премиерот ја истакнал состојбата во медиумите и кажа дека вчера до него пристигнале две писма за состојбата со медиумите во Македонија. Едното од нив било пратено од група интелектуалци, а другото од 17 невладини организации.

- Двете писма се важни и се однесуваат на предизвиците со кои се соочуваат медиумите, но секое од нив од различен агол ги гледа. Важно е за нас слободата на изразување да не биде слаба точка на вашата земја, рече Филе, и додаде дека слободата на медиумите е многу важна и оти моменталните негативни трендови треба да бидат корегирани.

Еврокомесарот за проширување, кој во Македонија доаѓа за прославата за 10-годишнината од Рамковниот договор, Охридскиот договор го оцени како позитивен пример кој треба да му покаже на светот како лидерите можат да ги надминат разликите и да најдат компромис во интерес на иднината на нивната земја.

- Вашето искуство како мултиетничка и мултилингвална земја ќе ви служи многу добро како на идна членка на ЕУ. Европската унија е заснована на принципот на единство и разновидност и задоволство ми е да видам дека овој важен договор стана дел од вашата држава, рече Филе и им порача на актуелните политичари да бидат исто толку храбри како и нивните претходници пред 10 години и да се соочат со предизвиците.

Премиерот Груевски разговорите со еврокомесарот за проширување ги оцени како отворени, пријателски и конструктивни. Тој нагласи дека очекува на 12 октомври да добие објективен извештај од Европската комисија за напредокот на земјава и додаде дека Комисијата треба да остане фокусирана на Балканот и да работи на проширување со земјите од регионот врз основа на нивните заслуги и почитување на критериумите за членство.

- Посетата на еврокомесарот ја толкуваме како уште една потврда за партнерскиот однос и поддршката што Европската комисија и ја дава на Република Македонија во процесот на нашата евоинтеграција. На средбата го реафирмирав значењето од продолжувањето на евроинтегративниот процес и од почнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ. Тоа е наша стратешка определба и нешто на коешто сме високо фокусирани, рече премиерот Груевски.

Тој посочи дека на средбата повторил дека Македонија останува со проактивен и конструктивен однос кон прашањето за разликите околу името со Грција под покровителство на Обединетите нации за да се добие заемно прифатливо решение кое нема да наштети на националната, јазичната и културната самоидентификација ниту на македонскиот, ниту на грчкиот народ. Станало збор и за постигнатите резултати и престојните активности во клучните реформски области - правосудството, државната администрација, борбата против корупцијата, економските реформи и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор.

Груевски рече дека и новата Влада ќе остане посветена на работата за достигнување на европските стандарди, но не заради ЕУ, туку и заради подобрување на стандардот на македонските граѓани.

Категорија: