Можностите за инвестирање во Македонија презентирани пред бизнисмените во Кајсери

Денеска (понеделник, 30.01.2012 година) во Организираната индустриска зона во турскиот град Кајсери, се одржа бизнис форум на кој членовите на македонската влада предводени од премиерот Никола Груевски, пред повеќе од 150 високи претставници на турски компании од различни стопански гранки ги претставија поволностите кои Република Македонија ги нуди за отворање и развивање бизнис и можностите и полињата за инвестиции и реализација на бизнис идеите на стопанствениците. Делегацијата оствари и средби со повеќе потенцијални инвеститори.

Во рамките на форумот, претседателот на Владата Груевски оствари средба со г-дин Хачи Бојдак, сопственик на Бојдак холдинг, една од најпознатите и најголеми турски компании која дејствува во сферите на текстилната и хемиската индустрија, маркетингот, железарската индустрија и енергетиката и информатиката при што беа разменети мислења за можностите за инвестиции на компанијата во Република Македонија.

Во своето обраќање на форумот премиерот Груевски поздравувајќи ги одличните политички и економски односи кои владеат меѓу двете земји и осврнувајќи се на пазарот кој би бил обезбеден со евентуална инвестиција истакна дека “важен импулс за зајакнување на билатералната трговска соработка, секако, е и склучениот Договор за слободна трговија. Ако се земат предвид и можностите кои произлегуваат од другите договори за слободна трговија, тогаш оние кои ќе инвестираат и произведуваат во Македонија добиваат непречен пристап до над 650 милиони потрошувачи.”

Претставувајќи ги макроекономските параметри на земјата како гарант за стабилноста во реализацијата на бизнис идејата, претседателот на Владата ги истакна “макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,5% во изминатава деценија”, добрата политика во јавните финансии која се карактеризира со “низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, при што владиниот долг изнесуваше околу 26% на крајот на 2011 година”.

Во рамките на мерките за подобрувањето на бизнис климата, премиерот се осврна и на “намалувањето на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис преку регулаторна гилотина, воведувањето на едношалтерски систем во царината и даночната администрација, поедноставената постапката за градење, намалените комунални трошоци, нискиот рамен данок од 10% и ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, етапното намалување на социјалните придонеси за една третина и воведените субвенции за тур-операторите”.

“Зоните нудат низа поволности: ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата, Владата дава до 500.000 евра за израмнување на земјиштето, кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување” истакна премиерот Груевски потенцирајќи ги директните поволности кои ги нудат индустриските зони.

Владината делегација по овој форум заминува во градот Коња каде што ќе се одржи нов бизнис форум со стопанственици кои гравитираат во тој регион.