Проект за унапредување на медијацијата во Македонија

Министерот за правда Блерим Беџети и холандската амбасадорка Мариет Шурман денеска во Скопје потпишаa писмо на намери со кое се означи почетокот на проектот „Поддршка за унапредување на имплементацијата на медијацијата во Македонија“.

Со проектот ќе се утврдат слабостите во постојните легислативи и институционални механизми за медијација и ќе се зголемат капацитетите за медијација и подигнување на свесноста за можностите на медијацијата во земјата. 

Република Македонија во изминативе пет години откако е воспоставен системот на медијацијата, како што рече Беџети, не може да се пофали со позначајни резултати, туку напротив се соочува со значителни предизвици во функционирањето на системот.

- Бројот на предметите каде медијацијата е испробана е исклучително низок, а бројот на успешно завршени медијации е минорен, нагласи министерот и додаде дека ова е забележано и во последниот извештај за напредокот на Република Македонија на Европската комисија.

Во правец на лоцирање на препреките за успешно заживување на медијацијата во Македонија, Беџети ја посочи потребата од натамошно анализирање на релевантното законодавство, како и негова имплементација.

- Конечниот ефект кој се очекува од проектот е создавање нормативна и институционална средина поволна за одржлив развој на медијацијата во Македонија, што ќе резултира со зголемен број предмети решени на овој начин, нагласи Беџети.

Тој посочи дека воспоставувањето и унапредувањето на медијацијата како сигурна и ефикасна процедура за решавање на споровите ќе ја зајакне правната средина за бизнисот.

Амбасадорката Шурман рече дека во Холандија има повеќе од 5.000 регистрирани медијатори и дека преку примената на медијацијата се решаваат илјадници случаи, од кои 25 отсто во рок од пет часа, а 35 отсто во рок од пет до 10 часа.

- Инволвираноста на Холандија во областа на медијацијата во Македонија датира од 2005 година со финансирање на регионален проект во Балканот за да се основа и промовира медијацијата како алтернативна метода за решавање спорови, рече Шурман.

Законот за медијација во Македонија беше донесен во 2006 година со цел да се намали бројот на судските предмети и да се растовари судството од непотребните предмети.

По неколкуте спроведени обуки од Министерството за правда на Република Македонија досега се доделени сертификати за медијатори на 177 лица, организирани во Комора на медијатори.