Груевски: Грција не може да биде исклучок туку мора да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд

Македонија е подготвена за членство во НАТО уште од 2008 година, но е блокирана од Грција поради спорот за името. Грција не може да биде исклучок туку мора да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата, бидејќи во спротивно тоа би било девалвирање на НАТО, изјави денеска во Битола премиерот Никола Груевски.

- Во НАТО имавме добар прием. Бевме примени како земја сојузник и партнер која долги години контрибуира во НАТО и земја од која НАТО е задоволен за тоа колку помага во Алијансата. И тоа помага реално и суштински, а не декларитивно со некои пишани работи, со војска и пари бидејќи половина од нашиот буџет за одбрана е практично насочен за луѓето кои одат во Авганистан. И тоа во НАТО го ценат, ги почитуваат реформите што ги направивме во сите други полиња и беше истакнато дека практично Македонија е подготвена уште од 2008 година за членство во НАТО. За жал познат ви е проблемот околу кој се вртеше главниот дијалог, а тоа е блокадата од Грција, рече премиерот Никола Груевски запрашан за оценка за состанокот во седиштето на НАТО.

Состанокот, рече, го искористил и да укаже на неколку работи кои се навистина непринципиелни и кај нас создаваат чувство на неправда, подвлекувајќи го новиот момент со пресудата на Меѓународен суд кој јасно даде до знаење и донесе јасна и недвосмислена пресуда во која укажува дека е прекршено меѓународното право.

- Имаше и такви поединци кои што кажаа дека тоа е правно прашање, но ова е политичко прашање. Кога правото е спротивставено со политиката ние не можеме да носиме политички одлуки. Со други зборови ако на национално ниво Уставниот суд укине некој закон ние не можеме да речеме дека е полтичка одлука и да продолжиме да работиме по истиот закон. Исто е и на меѓународно ниво  односно ако Меѓународен суд донесе одредена одлука не може потоа да биде политичка волја дали тоа ќе се спроведе или не, таа мора да се спроведе. Затоа што мора да се почитува меѓународното право и не по исклучок туку да го почитуваат сите земји, а не само земјите што се надвор од НАТО. Тоа и го кажав на самата седница, односно се создава чувство и не би сакал да верувам дека треба некоја земја да се избори да влезе во НАТО и потоа да не го почитува меѓународното право и може да прави што сака и ништо да и недостасува, а додека е надвор од НАТО мора да почитува и меѓународно право и да прави се што прават сите останати земји. И штом влезе во НАТО може да прави што сака и никому ништо. Тоа не може да биде принцип на НАТО и тоа го укажав таму и знам дека не е во принципите на НАТО, посочи Груевски.

Ако ги отворите основните статути на НАТО, вели, ќе видите дека една од главните столбови на Алијансата е ширење на безбедноста и демократијата и почитување на меѓународното право.

- Така што не може Грција да биде исклучок бидејќи тоа би било девалвирање на НАТО. Тие мора да најдат начин да се реши тој проблем што го создава Грција, а притоа да не се прекршува меѓународното право, појасни Груевски.

Тој укажал и на други поенти, а состанокот бил добра можност за отворен  дијалог.

- Ги кажав нашите аргументи и размислувања мошне отворено со искрена намера без некого да девалвираме и да навредиме. Тоа беше уште еден наш обид иако нашите очекувања не се преголеми затоа што знаеме какви се околностите, а наше е направено се што е во наша моќ и да ги искористиме сите наши капацитети и средства и тоа го правиме, посочи премиерот Груевски, кој денеска во Битола пушти во употреба спортска сала.