Обраќање на премиерот Груевски, на состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел

“Почитувани,

Ми претставува чест и задоволство што денес можам да присуствувам и да се обратам на овој форум на најсилната и најмодерна алијанса во историјата на човештвото, која почива на вредностите во кои веруваме, се залагаме и ги браниме, но и која сама по себе е извор на нови цивилизациски придобивки.

НАТО е оној гарант на светската стабилност и мир, и обезбедувач на напредокот преку вредностите во кои инвестира. Човештвото има вечен императив за демократија и слобода и НАТО тоа го апсолвира и обезбедува, а развојот е можен само преку функционирање на демократски општества, низ почитување на  човековите права, и почитување на законите и процедурите, правната држава и владеење на правото и правдата, за какви што вредности впрочем суштински се залага Алијансата.

Почитувани, иако Република Македонија не е формална членка на Алијансата, ќе ми дозволите да говорам како да сме дел од Вас, бидејќи така се чувствуваме, во исти вредности веруваме, придонесуваме, и јас сум силно убеден дека во блиска иднина и формално ќе го заокружиме нашето членство. Со ваша поддршка и помош, во духот на взаемната солидарност.

Во овие турбулентни времиња очите на целата светска јавност со право се вперени во Алијансата. Од нас огромното мнозинство на светската јавност очекува силна улога во подобрувањето на општите состојби, гаранција нa економскиот развој и раст преку гарантирање на стабилноста и мирот, обезбедување на капиталот, и промоција на човековите права и вредности на местата каде што се загрозени. Градењето на силни демократски општества на места каде што била или е потиснувана слободоумната човекова мисла и слободниот дух мора да останат во нашиот фокус.

Одвраќање на страните кои го загрозуваат мирот и безбедноста во било кој регион на светот мора да останат константа и препознатливост, и тоа треба да важи за сите случаи, актуелни или потенцијални.

Во насока на остварување на принципите, сметаме дека новата стратешка политичка и воена рамка која се очекува да биде воспоставена на Самитот во Чикаго е целосно во согласност со клучната порака од Трајното партнерство со Авганистан, како и со заложбите на НАТО до и по 2014 година, според која стратегија “транзицијата не значи и заминување”. Долгорочниот ангажман и одржливите програми за Авганистан се клучот за успешна мисија.  Веруваме дека силниот ангажман на НАТО во Авганистан за време на транзицијата и пост-транзицискиот период ќе придонесе кон политичка, граѓанска и економска поддршка на земјата. Како земја која придонесува во мисијата ИСАФ, и како партнер на НАТО, Република Македонија дава поддршка на општиот пристап за замена на доминантниот воен ангажман со зајакнување на образованието и обуката на Авганистанските безбедносни сили во најкраток можен рок. Улогата на Авганистанската национална полиција е од суштинска важност за успехот на целокупната мисија.

Македонија учествува посветено во овој процес. Нашите мировни сили рамо до рамо со нашите сојузници го гарантираат тамошниот мир, смело и бескомпромисно впуштајќи се во сите искушенија и предизвици кои стојат на патот на слободата на народот. Нашето учество во силите на ИСАФ е 5 по глава на жител од сите сојузници и тоа е доказ за нашата недвосмислена верба во принципите кои ги прокламира НАТО. Политичката поддршка на овој потфат е безрезервна. Во досегашните ротации на нашите сили кои се одвиваат веќе 9 години, во македонскиот парламент немало ниту еден глас против, а досега е изротиран околу 50% од составот на армијата. Мировниците се директно вклучени во обезбедувањето на базата во Кандахар која е една од најризичните на теренот, а имаат учествувано и во многу рискантни директни сензибилни операции во кои се истакнувале со својата решителност и храброст, и за кои се одликувани соодветно. Сакам да истакнам дека на терен играме заедно во исто поле, и со иста цел и споделуваме заеднички состојби, и веројатно е во ред да имаме чувство дека треба да ни биде дозволено да бидеме рамноправен формален дел и од членството во клубот и да ги ползуваме придобивките кои се дел од истото членство. Со спортски термин кажано фер плеј е како што сме дел од играчите да можеме да имаме стабилна способност семејствата на играчите да уживаат во економскиот раст и развој  и гаранцијата на нивната сигурност.

Сметам дека сме на ниво на кое ги достигнавме заедничките стандарди, факт што беше потврден и на Самитот во Букурешт од страна на Алијансата. Дозволете во ова пригода на кратко да потсетам на нашиот реформски процес воден со сесрдна Ваша поддршка, и да се осврнам на нашите стратешки и темелни определби. Членството во НАТО е стратешка определба на сите досегашни Влади, и ние силно инвестираме во нејзина реализација. Нашиот народ силно во процент од над 85% го поддржува реализирањето на оваа темелна аспирација. Во реалноста Македонија се однесува како de facto членка на НАТО. Остануваме силно посветени како партнер од доверба на Алијансата, да го продолжиме нашето учество во операциите на НАТО и останатите меѓународни мисии и, заедно со вас, да придонесуваме кон мирот и стабилноста на земјите и народите на кои тоа најмногу им треба.  Нашето членство во НАТО и ЕУ, како и градењето на добрососедски односи, развој и унапредување на регионалната соработка, консолидирање на економскиот раст и конкурентноста, постигнување на повисока стапка на вработување, подигање на животниот стандард и квалитетот на живот остануваат највисоки стратешки приоритети во Програмата на Владата за периодот од 2011 до 2015 година.

Дозволете накратко да се задржам на некои од поважните реформски потфати во 2011:

1. Предвремените парламентарни избори беа успешно реализирани и оценети од страна на ОБСЕ и ОДИХР за фер, слободни и демократски и спроведени согласно највисоките меѓународни стандарди. 2. Охридскиот рамковен договор  се спроведува во континуитет, постои понатамошно унапредување на правичната застапеност, а се спроведува и Законот за употреба на немнозинските јазици, законот за употреба на знамињата на немнозинските заедници, Стратегијата за интегрирано образование итн.  3. Реформата на јавната администрација се прави во соработка со европската агенција СИГМА, преку цел пакет нови закони за јавни и државни службеници, оценување на службениците од граѓаните, се со цел изградба на јавна администрација која е високо професионална, деполитизирана, отчетна и доверлива, и се креираат системи за електронско добивање на услуги од државните институции за намалување на трошоците на време и средства за компаниите и граѓаните, а воведен е и институтот молчењето на администрацијата е одобрување што ги зголемува правата на граѓаните и ефикасноста во постапките. 4. Се спроведува забрзување на спроведувањето на реформи во правосудството преку избор на судии и обвинители преку специјално формирана Академија на судии и обвинители, и преку нови критериуми за стручност и образованост но и на професионален интегритет и личен кредибилитет на судиите, преку двојно зголемување на буџетот на судската власт, преку измена на повеќе закони со кои се зголемува ефикасноста на судиите преку предвидување конкретни рокови за решавање на спорови, воведена е можност за бесплатна правна помош за граѓаните и други мерки чија цел е понатамошно зајакнување на независноста и ефикасноста на правосудниот систем. 5. На полето на борбата со корупцијата и организираниот криминал продолжуваме со ефикасно спроведување на нови законодавни решенија, зајакната меѓуинституционална соработка и спроведување на нашата политика на нула толеранција, и имаме напредок од 40ина места на светската листа на Транспаренси интернешнл. 6. Се спроведуваат и реформи во полицијата преку подобрување на спроведувањето на законите и заштита и почитување на основните човекови права и слободи, зголемувајќи ја довербата на сите заедници во однос на полицијата, подобрување на јавната безбедност и зајакнување на борбата против организираниот криминал и корупција. 7. Сериозно сме фокусирани на подобрувањето на статусот на медиумите, и за прв пат од независноста е воспоставена отворена дебата со здружението на новинари, и активно и координирано се работи на усогласување на македонското законодавство со европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги, и со препораките и стандардите на Советот на Европа, како и со препораките на Европската комисија нотирани во извештајот за напредок на Република Македонија 8. На полето на образованието инвестираме 6% од БДП за инвестиции, воведовме бесплатно задолжително средно образование и за двојно ги намаливме цените на високото, отворени се факултети во секој град, направена е реформа во основното образование, процентот на упис од основно во средно образование е фантастични 98%, а од средно во високо 96%, се набавува нова опрема за сите нивоа на образование. 9. На полето на инфраструктурата се реконструираат, изградени се или се градат околу 270 регионални и локални патишта што претставува околу 80% од патната мрежа, изградени се 2 модерни аеродроми, и се комплетираат коридорите 10 и 8.

Би сакал да истакнам дека и на економски план Македонија спроведува мудри и успешни политики, кои се гарант на нашата одржливост и придонес кон општите цели на Алијансата, за што сме позитивно оценети од Светската банка која оваа година не рангираше на 22 место на вкупната листа за водење бизнис, а 5 години по ред не става во првите 5 реформатори во светот. Кредитните агенции го потврдија нашиот кредитен рејтинг, а ММФ потврди дека сме ниско задолжена земја со надворешен долг од 26% од БДП што е еден од најмалите долгови во Европа. Во првите три квартали од годината просечниот раст на БДП е 3,75% што во вакво турбулентно време е доста солиден резултат. Националната валута е цврсто стабилна, банкарскиот систем е ликвиден и во добра кондиција, а девизните резерви на државата се на највисоко историско ниво. Имаме најнизок даночен пакет во Европа и тоа придонесе да имаме неколку СДИ во изминатите месеци, а имаме најава и за уште неколку други, со што се отвораат нови можности за вработување. Ние сме посветени на понатамошен развој на економијата, зголемување на економскиот развој и натамошно привлекување на странски инвестиции, како и на создавање услови за нови работни места и обезбедување подобар квалитет на живеење. Целосно сме свесни за предизвиците со кои останува да се справиме во одредени области, но решени сме да се соочиме со нив и соодветно да ги надминеме.

Во областа на домашната политика би истакнал дека неодамна ја доставивме 13-та Годишна Национална програма за членство во НАТО за периодот 2011-2012 година, и веднаш почнавме со спроведување на активностите кои таа ги предвидува. Искрено се надеваме дека бројот 13 за нас ќе се покаже како среќен...

Почитувани партнери,

Претходно наведеното ја потврдува нашата истрајност во реализацијата на нашите цели иако сме свесни за предизвиците кои стојат на тој пат. Ние со решителност се залагаме за остварување на вредностите во кои веруваме, а една од најзначајните е нашето членство во НАТО. Сите овие 20 години на овој интегративен пат настапуваме со еден збор кој ја опишува целата наша стратегија, а тоа е одговорност, и во тој стил ќе продолжиме.

Кога влегував на состанокот видов еден натпис кој гласеше ANIMUS IN CONSULENDO LIBER или A FREE MIND IN OPEN CONSULTATION (СЛОБОДНО МИСЛЕЊЕ ВО ОТВОРЕНА ДИСКУСИЈА).

Во овој дух би сакал да се осврнам на главниот предизвик кој стои пред полното членство на мојата земја во НАТО, а тоа е спорот кој една земја членка на НАТО го има со нас, а се однесува на нашето уставно име и нашето самоименување, кое народот како чувство го има и се идентификува со него со векови, кое беше обезбедено со Атлантската повелба на сојузниците за самоопределување, и кое беше потврдено на референдум пред 20 години.

Сакам да истакнам дека ние сме силно заинтересирани за цврста соработка, партнерство и сојузништво со сите земји од Европа и Алијансата, особено со нашите соседи, и затоа сме посветени на градење на добри соседски односи, кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебна економска и трговска соработка, слободен проток на луѓе, стоки, идеи и капитал, на интеракција на народите и заедничко инвестирање во регионалниот развој. Грција нема потреба да стравува од Република Македонија, напротив Грција треба да е силно заинтересирана за наше членство во Алијансата и трајно обезбедување на овој дел од регионот. Тоа го бараат нашите заеднички цели кои се идентични со оние на Алијансата да имаме цврсто ткиво, наместо празен простор во телото на НАТО, и да можеме да се посветиме на понатамошно ширење на нашите идеи. Не да се исцрпуваме одвнатре, туку да обезбедиме дополнителна сила и можност за нови исчекори. Ние бевме силно повредени како нација, што во Букурешт на 12 самит не ни беше овозможено да ја добиеме поканата за членство, иако ги исполнивме сите стандарди и критериуми кои се бараа од нас. Во духот на максимата за слободна дебата јас мислам дека тоа беше погрешно и неправедно кон нас и нашите заложби но и кон принципите на модерниот свет. Оваа општа констатација беше потврдена и од највисокото меѓународно тело кое обезбедува владеење на правото и правдата на кои е поставена и Алијансата. Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој е основан и од членките на НАТО, и е едно од 6 тела на Обединетите нации.

Како што веројатно знаете, Меѓународниот суд на правдата во Хаг на 5 декември пресуди дека Грција ги прекрши своите обврски преземени согласно Времената спогодба меѓу двете земји од 1995 година, со тоа што се спротивстави на приемот на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година под времената референца определена од ОН. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е обврзувачка за страните и имплицира дека не постојат правни аргументи за Грција и понатаму да се спротивставува на пристапувањето на Македонија во НАТО.  Иако постапката отпочната пред Судот не се однесуваше на прашањето за името само по себе, пресудата отвора една нова, правна димензија за преостанатата пречка пред нашето членство во НАТО и верувам дека со ова се овозможува и еден нов пристап од страна на сојузниците. Пристап без уцени и условувања кон никого, ни кон нас ни кон нашите соседи Грци, туку на поддршка и демонстрација на дело на принципот на взаемна солидарност. Пресудата на Судот не води чекор напред заеднички, таа е нов поттик за надминување на постојниот предизвик, и треба да го искористиме тој добар бран на можности. Исто така,  Судот не гледа дека Грција има каква било причина да не го следи духот на пресудата и согласно своите обврски од меѓународното право, да не се воздржи од блокирање на членството на Македонија во НАТО. Каков било понатамошен обид на Грција во оваа насока, кој би се темелел врз решавањето на прашањето со името како предуслов за членство во НАТО, ќе претставува прекршување на меѓународното право и непочитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.  Сметам дека земјите членки на НАТО треба да ја земат предвид оваа пресуда и соодветно да ги преиспитаат своите ставови во однос на предусловите за членство на Република Македонија во НАТО. Исто така, се надевам дека земјите членки на НАТО особено ќе го земат предвид согледувањето на Судот дека Македонија никогаш не го прекршила начелото на добрососедски односи, факт кој е целосно во согласност со вредностите и стандардите на НАТО. Оттука, практично не постои друга причина за одлагање на поканата Република Македонија да се придружи кон НАТО. Дозволете ми да бидам сосема јасен – Република Македонија останува со силна заложба за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за надминување на разликите во однос на името со Грција. Ќе продолжиме да учествуваме во процесот на преговори под покровителство на Генералниот Секретар на Обединетите Нации, во добра верба, како и досега. За жал, новата „техничка“ грчка Влада не покажа волја за суштински ангажман во овој процес, истакнувајќи го својот примарно „економски“ мандат.  Но, ние не се откажуваме, и посветено и одговорно ќе се стремиме да го продолжиме дијалогот, и подготвени сме преку директни средби на било кое ниво да постигнеме решение кое ќе биде правично, одржливо, без победници и поразени. Имајќи ги предвид овие факти, би сакал да апелирам до сите земји членки на НАТО да го преиспитаат прашањето за членство на Македонија во првата наредна прилика и пред Самитот на НАТО во Чикаго. Нашите очекувања од претстојната Декларација од Чикаго се јасни и сосем разумни. Завршниот документ од претстојниот Самит на НАТО не треба да се сведат на повторување на формулациите од претходните самити во однос на статусот на Македонија. Наместо тоа, земајќи го во предвид најновиот развој на настани во врска со овој уникатен случај, кои ја рефлектираат новата реалност, да ја рефразира терминологијата соодветно и да се резултира со покана за членство на Македонија во НАТО.

Сметам дека е рационално и исправно на самитот во Чикаго да биде доделена покана за членство на Република Македонија во НАТО. Тоа ќе значи разбирање за потребите и интересите на моите граѓани да имаат услови за понатамошен социо-економски развој, за нови реформи и модернизација и за создавање на нови дела базирани на вредностите на Алијансата. НАТО има политичко лидерство кое сака напредок, и прави напредок, и вашата помош ќе е силно охрабрување за една мала земја со голема верба во евроатлантските принципи за правда и еднаквост, како што е мојата. Движењето на Република Македонија напред на евроатлантскиот интегративен пат, е мал но значаен придонес за одењето на Алијансата напред, а најголема корист од него ќе има целиот регион на Југоисточна Европа, и НАТО во целина.  

Почитувани,

Верувам со вредностите на НАТО. Верувам во правдата и владеењето на правото.

Бог нека ни е даде сила, помош, разум, мудрост и благослов во остварувањето на поставените цели.”

Категорија: