Министерството за култура ќе поддржи стотина проекти на Центарот за култура-Прилеп во 2012-та

Стотина настани од областа на драмската, ликовната, музичко-сценската, издавачката дејност ќе понуди годинава Центарот за култура „Марко Цепенков” од Прилеп и се дел од Годишната програма на проекти што ги  финансира Министерството за култура, соопшти денеска директорот на Центарот, Тони Чатлески.

- Но, факт е дека ќе се финансираат само четири од деветте предложени претстави  на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински”, кој е дел од оваа национална установа, рече  Чатлески.

Во програмата на Министерството се прифатени претставите „Многу врева за ништо“ од Шекспир на режисерката од Белград Ива Милишевиќ, „Змејовата невеста“ од Димитар Молеров, во режија на Нела  Витошевиќ, „Цепенков 012“ (Сонот на Цепенов),  според творешвото на Марко Цепенков, во режија на Кирил Петрески,  и   независниот проект „Јустинијан Први“ од Јордан Плевнеш, во режија на Петар Темелкоски. 

За нив Министерството ќе одвои од 2,5 до 3 милиони денари, а Чатлески е убеден дека  и со овие претстави Прилепскиот театар, како и досега, ќе постигне успеси на домашната и на странските сцени.

Проектите од ликовната дејност министерството ќе ги поддржи со 400 илјади  денари. Планирани се 40-ина изложби  на уметници од земјава и странство, а со пари од Министерството за култура ќе се организира и петтата меѓунардна ликовна колонија „Дрен“.

Чатлески информираше и дека за реконструкција на ентериерот и сцената на салата од Домот на културата од Министерството  за култура се  одобрени 750. 000 денари.