Канчевска Милевска:Вевчанскиот карневал е бисер на македонската традиција и бренд по кој не распознаваат во светот

Карневалот годинава го отвори министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска која рече дека на денешен ден сите добронамерници со карневалски дух се дел од единствената претстава која на сатиричен начин не потсетува на настаните и личностите што ја одбележале изминатата година.

- Вевчанскиот карневал нуди игра без протокол, без покровител и нуди мигови кои сегашноста го прегрнува времето на Перун и паганството за берикет и благосостојба. Со сите специфични особини и вредности со својот континуитет и атмосфера Вевчанскиот карневал е блескав бисер на македонската традиција и е бренд по кој не распознаваат во светот. Овој карневал го прославуваме со чувство за сочувување на уште еден вреден примерок од македонската ризница кој плени со својата оригиналност, рече Милевска.

Таа нагласи дека исто како претходно, така и во иднина Министерството и државата ќе ја поддржуваат и одржуваат оваа многувековна култура и традиција.

Вевчанци вечерва по традиција точно на полноќ се собираат на Вевчанските извори каде ќе ја прослават Старата нова година Василица, а настанот ќе биде збогатен со настап на неколку естрадни уметници.

Целата манифестација завршува утре кога ќе бидат сред село запалени сите годинешни маски.