За активна транспарентност и за усовршување на легислативата во полза на граѓаните отворена е дебата за измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Во организација на Министерството за правда, и во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, и кабинетот на Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, денеска се одржа дебата за утврдување на потребата од измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

На трибината, на која беа поканети и активно учествуваа претставници на граѓанското општество и на медиумите, како и претставници на јавната администрација, со свои погледи за досегашните искуства од примената на законот се обратија министерот за правда Биљен Саљији, министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, и заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Министерот за правда Саљији во своето воведно излагање нагласи дека оваа дебата за утврдување на потребата од измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, е во согласност за принципите за кои се залага Владата на Република Македонија, постојано да ја усовршува легислативата од интерес на граѓаните. Министерот за правда додаде дека и оваа трибина е одраз на пристапот за широка консултација со граѓаните и со нивните граѓански организации, како и со сите други засегнати страни со цел да се препознаат и прифатат најавтентичните искуства и препораки кои доаѓаат од оние на кои најмногу се однесуваат законските решенија, во овој случај Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека без разлика на фактот дека од страна на стручната домашна и меѓународна јавност, овој закон е оценет како еден од подобрите во сферата на легислативата, утврдените слабости во неговата примена укажуваат дека се неопходни аргументирани анализи кои ќе насочат кои делови од ова законски треба да се изменат. Истовремено, укажа Поповски, многу е важно да се утврдат и слабостите на одделни делови на јавната администрација кои покажаа отпор во спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Министерот Поповски предочи на различни истражувања и анализи од практикувањето на законот за време на изминатите десет години. Според овие сознанија, најголемите проблеми со кои се соочи ова законско решение, како можност за граѓаните да дојдат слободно до информации од јавен карактер, и како израз на транспарентното работење на администрацијата, беа пречките што беа предизвикани од отсуство на политичка волја за негово спроведување.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека освен политичката волја, забележани се и други можности за унапредување на примената на законот, како и за подобри ефекти од него за граѓаните, особено во делот на законските рокови за испорака на одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Поповски укажа и на некои практики од примената на законот кои упатуваат на потребата од поголема ефикасност и видливост на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и во делот на зајакнување на капацитетите на јавните институции во поглед на нивната одговорност и ажурност во обезбедување на одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер.

Во своето обраќање заменик министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Александар Бајдевски, посебно се осврна на залагањето на Владата на РМ за активна транспарентност, која подразбира сеопфатна јавност и лесен пристап до информации и документи од јавен карактер. Заменик министерот за ИОА нагласи дека доколку јавната администрација активно ја применува оваа транспарентност, во голема мерка ќе се обезбеди пристапот до информациите и ќе се намали потребата на јавноста овие информации да ги добива низ една сложена и многу често нефункционална постапка.

Според сознанијата на МИОА, утврдени се одделни индиции од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кои укажуваат на потребата од поголеми ингеренции на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и проширување на делот на санкции и прекршоци во случаи кога не се почитуваат одредбите од законот.

На трибината за утврдување на потребата од измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, денеска активно учествуваа и претставниците на граѓанското општество и на медиумите, како и претставници на јавната администрација.

Тие првенствено ја поздравија оваа иницијатива со оглед на фактот дека придобивките од овој закон најмногу се однесуваат на граѓаните и на интересот на јавноста што ги претставуваат, и активно учествуваа со своите укажувања и препораки за измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Категорија: