Ибрахими: Бањско-климатската услуга ја искористија над 37 илјади пензионери

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими денеска ги посети пензионерите сместени во „Дебарски Бањи-Цапи“, кои ја користат владината мерка за бесплатна бањско-климатска рекреација.

- Во минатите седум години оваа услуга ја искористија над 37 илјади пензионери. Годинава, оваа поволност за бањски престој ќе ја искористат 5.500 пензионери, а 2.114 пензионери туристичкиот викенд. Тие изразија големо задоволство од вниманието и грижата за нив. Се надевам дека идната влада нема да ги заборави пензионерите и ќе продолжи со овој многу значаен проект за оваа категорија граѓани, но и во правец на поддршка на бањскиот туризам, изјави министерот Ибрахими.

Тој заедно со сопственикот на бањите Меџит Цапа ги посети пензионерите во бањскиот локалитет во Косоврасти, а потоа и оние во Бањиште, каде директно се запозна со условите за престој и услугите кои ги нудат бањите.

Според заменик извршниот директор на „Дебарски Бањи-Цапа“, кој е и претседател на Групацијата на бањи при Стопанската комора, Трим Ќемали, бањско-климатската рекреација е значајна не само за пензионерите, туку и за самите бањи, односно за развојот на бањскиот туризам.

- Во нашите два локалитета во изминатите години престојуваа повеќе од девет илјади пензионери. Дел од нив за првпат што е многу значајно за нив како личности, но и за нивното здравје. Но, во исто време и за нас бидејќи обезбедените средства од Владата се многу значајни затоа што ги насочуваме кон подобрување на условите во постојните и во изградбата на нови капацитети, истакна Ќемали.

Тој побара од новата влада да продолжи со имплементација на овој проект и со разгледување на можноста за зголемување на износот на средства коишто би им се исплаќаат на име престој на пензионер. 

Категорија: