Министерот Ристовски на средба со згрижувачките семејства од Скопје

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и претставници на Црвениот крст на Македонија денеска се сретнаа со згрижувачките семејства на територија на Град Скопје. 

- Една мудра изрека вели „Не гледајте на детето како на скапоцен камен, туку трудете се тоа да стане“. Јас овде гледам многу луѓе кои се трудат децата да станат токму тоа. Гледам лица кои им даваат на децата прво љубов, а потоа и грижа, внимание и воспитание, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски обраќајки им се на луѓето кои згружуваат деца без родители и родителска грижа.

Тие, додаде, се најхуманите луѓе во општеството, а оваа форма на згрижување најсоодветна и најблиска до биолошкото семејство.

- Ќе продолжиме да ја развиваме оваа форма на згрижување и сместување деца, како и мотивацијата и поддршката за згрижувачките семејства заради тоа што ефектот од растот и развојот на овие деца во рамки на вакви семејства е многу позитивен и оти ваквата форма на згрижување е најблиска до формата на биолошките семејства, рече министерот Ристовски.

Тој потенцира дека се размислува и за зголемување на надоместокот што згрижувачките семејства го добиваат месечно од државата за згрижување на едно дете, што сега изнесува околу 7.000 денари.

Во Македонија има 155 згрижувачки семејства во кои се сместени 220 деца без родители и родителска грижа. Најголем број од нив се во Скопје, каде има 56 згрижувачки семејства во кои се сместени 85 деца. Згрижувачите треба да се психофизички здрави, да имаат станбени услови, да бидат морално подобни. Откако ќе им бидат одобрени барањата и ќе им бидат дадени деца за згрижување, екипи од центрите за социјални работи ги следат дали си ги исполнуваат одговорно обврските што ги презеле.

На средбата министерот Ристовски и претставниците на Црвениот крст заблагодарувајќи им на семејствата за нивната хуманост им поделија донација во храна и хигиенски пакети во пресрет на Новата година.