Груевски по вторпат иницира средба со Самарас

Почитуван Г-дин Самарас,

Упатувајќи Ви изрази на Високо почитување, дозволете ми да истакнам дека евроатлантските интеграции на Република Македонија имаат исклучително значење за македонската Влада и за граѓаните на мојата земја. Исто така, за нас од особено значење е доследното почитување на Времената спогодба од 1995 година, како и изнаоѓањето на взаемно прифатливо решение за разликите за името со Вашата држава. Исчекорувањето напред во евроатланските интегративни процеси на една земја од регионот, ќе биде од големо значење и за стабилноста, просперитетот и придвижувањето напред и на регионот во целина.  

Повод за моето обраќање до Вас се шпекулациите кои се појавија изминативе денови во дел од грчките медиуми, во кои се пласираше неточна теза дека наводно воопшто не постоела покана или обид за средба со Вас за време на одржувањето на Конгресот на Европската народна партија во Марсеј. Затоа, ја користам оваа прилика да го изразам моето чувство дека можеби станува збор за грешка или забуна на авторот кој ја пласирал таа неточна теза во грчките медиуми, како и уште еднаш да го повторам мојот интерес за реализирање на заедничка средба.

Оттука, би сакал со овој допис, а во интерес на динамизирање на дијалогот помеѓу нашите две држави, да Ве поканам на средба која би се организирала што е можно поскоро, во време и на место, кое што Вам Ви одговара. На тој начин сметам дека би се реализирале заложбите за продолжување на дијалогот околу суштинските прашања од взаемен интерес и истовремено би придонеле во стремежите за заеднички просперитет во градењето на взаемна доверба и разбирање.

Уште еднаш нагласувам дека местото и времето на средбата Ви препуштам Вие да го одредите.

Со надеж за подобра иднина и искрена соработка,

Искрено Ве поздравувам,

 

Никола ГРУЕВСКИ