Груевски: Топлификација ќе донесе голем бенефит за Битола

Деновиве треба да биде потпишан договорот со германската КФ банка која треба да го поддржи проектот за топлификација на Битола, а потоа ќе следи изнаоѓање на консултант што ќе треба да ја подготви тендерската документација за избор на изведувач. Реализацијата на овој проект е две до две и пол години. 

Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски, кој по повод новогодишните празници беше во посета на Детското СОС село во Скопје.  

Груевски рече дека Владата повеќе од две години подготвително работи за проектот за топлификација на Битола и оти конечно тој влегува во многу значајна фаза, а тоа е потпишување на договорот за поддршка од КФ банката и изнаоѓање консултат за изработка на тендерската документација. 

- Следува потпишување договор со КФ банката која што ќе го поддржи овој проект. Она што е значајно е дека проектот чини 46,5 милиони евра од коишто 39 милиони евра ќе бидат обезбедени од КФ банката од Германија, а 7,5 милиони евра ќе бидат обезбедени од самата компанија АД во државна сопственост ЕЛЕМ. Проектот ќе се гради околу две до две и пол години, истакна премиерот.

Следната фаза, како што посочи Груевски, е изнаоѓање консултант што ќе треба да ја подготви тендерската документација за избор на изведувач, бидејќи се работи за сложен проект.

- Најзначајно е дека проектот ќе донесе многу бенефит. Прво ќе се искористи топлинската енергија што и онака се произведува во ЕЛЕМ за греење на домовите на граѓаните во Битола и во околните места каде што ќе допре овој цевковод, ова парно греење. Со тоа ќе дојде до намалување на загадувањето во градот и во регионот, ќе има намалени сметки за граѓаните, ќе се заштеди на природните ресурси од типот дрва и слично коишто се трошат и повеќе други бенефиции коишто се од корист за граѓаните, за целата држава и особено за тој регион, рече премиерот.

Една од придобивките, истакна Груевски, исто така е тоа што ќе може и земјоделците коишто живеат и работат во Битола, Могила и Новаци да го користат ова греење по мошне поволни  цени и услови за своите пластеници и за греење на своите површини.

- Станува збор за исклучително значаен проект и проект којшто сме го ветиле на избори. Верувам дека во втората половина на 2016 година ќе започне постапката за изведувач и се надевам дека до крајот на 2016 ќе започне и изведбата на овој значаен проект за тој регион, рече премиерот.