Груевски: Заев не ги предава материјалите на Јанева, сака одлагање на изборите

Очигледно е дека лидерот на опозицијата Зоран Заев сака да ја одбегне обврската за предавање на материјалите на специјалниот обвинител и дека сака да направи ситуација за одлагање на изборите. СДСМ годината ја завршува во страв и паника дека им претстои тежок пораз на следните избори и казна од граѓаните за она што го направија, изјави денеска премиерот Никола Груевски.  

Врз основа на договорот од јуни и јули оваа година, СДСМ, како што посочи Груевски, имаше една клучна обврска и таа не ја исполнува. 

- СДСМ имаше една важна клучна обврска и таа не ја исполнува, а тоа е да ги предаде материјалите на специјалниот јавен обвинител. Очигледно е дека Заев сака да ја одбегне оваа обврска, дека сака да направи ситуација во која што ќе се одложат изборите. Прават разни обиди за одлагање на изборите. Од секој можен агол се обидуваат да најдат начин како да предизвикаат кавга, како да предизвикаат растурање на договорот, рече премиерот кој по повод новогодишните празници го посети Детското СОС село во Скопје.

Премиерот потенцираше демка финалната цел на опозицијата и на СДСМ е да се одложат изборите бидејќи се свесни дека ќе ги загубат и оти го чувствуваат пулсот на јавното мислење коешто не подлегна на манипулациите што во текот на ова година СДСМ ги правеше.

- Со се она што го направи во државата и со обидот да ја дестабилизира државата ставајќи голем ризик, ставајќи ги сите граѓани како заложници. Несфатливо е тоа што го говори Заев дека материјалите кај него биле побезбедни отколку кај специјалниот јавен обвинител, чиј објектот го чува македонската полиција каде што тој делегираше на министер за внатрешни работи, каде што се обезбедени други услови што беа побарани од типот на обезбедување сеф и слично. Јасно е дека СДСМ е во една паника од губење на изборите, рече премиерот. 

ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше тој, ги исполни обврските што произлегуваа од договорот од јуни/јули оваа година иако имаше доцнења од недела до две. 

- Откако започна кризата, што СДСМ ја предизвика оваа година со помош на креирани материјали, како што кажа Заев, добиени од странски разузнавачки служби, решавањето на кризата одеше преку меѓусебни разговори што беа и со поддршка и олеснување од меѓународната заедница. Договорот што беше постигнат во Скопје во јуни и во јули предвидуваше поголем број обврски и за двете страни. Поголем дел на нашата страна, помал дел на страната на СДСМ. Ние нашите обврски ги исполнивме. Можеби некаде имаше недела - две задоцнување, но главно ги исполнивме. Тие задоцнувања не беа заради наша вина туку заради обидите на СДСМ да се одолговлекува работата за да се одложат изборите, рече Груевски.

Сите оние работи што имаа рокови во договорот, потенцираше премиерот, се завршени.

- Ние дури разговараме и за работи што немаат рокови и коишто доколку може некако да се усогласиме да го направиме тоа, рече Груевски посочувајќи дека СДСМ имаше една важна клучна обврска и опти и таа не ја исполнува - да ги предаде материјалите на специјалниот јавен обвинител.