Груевски: СДСМ би биле најсреќни да нема избори

СДСМ би биле најсреќни да нема избори и тоа веќе се гледа од нивните изјави. Што се однесува до нас избори мора да има. Она што тие ги предизвикаа во текот на оваа година мора да се расчисти на избори и мора да ја добијат лекцијата од граѓаните. Мора да се соочат со народот, а не да бегаат и да поставуваат услови што ги нема во ниту една држава,  рече премиерот Никола Груевски во денешното интервју за ТВ Сител. 

Според Груевски, СДСМ смислуваат се само да се закочи изборниот процес. - Сакаа изборите да ги добијат со фалсификати, но сега и тоа им се руши. Меѓународната заедница има јасен став и ние имаме јасен став, наведе  Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, се подготвува за избори. - Апсолутно дека се подготвуваме. Прво работиме на подготовка на отчетот. Завршивме огромен број работи кои ги ветивме и ќе ги покажеме преку отчетот. Работиме и на новата програма која ќе биде најобемна до сега. Ќе направиме приоритизација, ќе ги сублимираме идеите и ќе ја направиме најобемната и најпрофесионалната програма, најави Груевски.